Vicium kordis

by fokus 14:21
14:21

Заглавени во маглата на минатото и комшиските аспирации, европејското лицемерие и профитерство, корумпираноста, некадарноста и полтронството на нашата политичка „елита“, забораваме на една многу голема вистина. Никогаш никој ништо не ни подарил и сѐ што сме постигнале, сме постигнале сами и со големи маки и откажувања.

Звонко ДАВИДОВИЌ

- Advertisements -

Чудна сме ти ние земја. Емотивни и чувствителни, а груби и отрпнати на секоја мака и тага. Кај нас вистината ништо не значи, дури и пречи. Секој има своја вистина за една те иста работа или настан. На вистината никогаш не се одговара, таа се мрази и убива, преправа и искривува, се менува кон политичката или партиската потреба.

На идејата никогаш не се одговара со идеја, туку со пцовка и потценување, со потсмев, а знаењето се казнува и исмева, знаењето е грев.

Во нашиот општествен и политички живот, попрво би рекол живуркање, иднината се гледа само до чиновничките места и министерските фотелји, а успехот се мери со украдените пари, затаениот данок и наместените тендери. Лагите громогласно се изговараат и пишуваат на билбордите и во политичките програми, ним им се аплаудира и скандира, а вистината се шепоти по ходниците и кулоарите.

ГО СЛАВИМЕ МИНАТОТО – ЈА ГУБИМЕ МЛАДИНАТА

Се радуваме на неуспехот и пропаста на неистомисленикот, противникот, а завидуваме и молчиме за секој успех на пријателот. Во окото и умот ни е секогаш комшискиот двор, а никогаш не сме го погледнале хаосот во својот. Прекорот и причината за неуспех секогаш се бара и се наоѓа во некој друг, а никогаш во самиот себе. Погледот ни е свртен секогаш стотици години наназад во минатото, а слепи сме за сегашноста и за мигот во кој живееме.

Се докажуваме колку сме биле големи и умни во минатото, во кое не сме живееле, без да разбереме, кои сме и каде сме денеска и, сега кога живееме, без желба и идеја тоа да го смениме со труд и работа, сметајќи дека е доволно она што нашите предци го покажале во минатото, за да го заземеме местото во сегашноста, за кое мислиме дека ни припаѓа.

Славиме битки и буни од пред стотици години и сѐ уште ги водиме истите битки во нашите умови и докажувања, а не гледаме дека ја губиме најголемата битка што се одигрува пред нашите очи. Ги губиме младите, кои заминуваат далеку од своите огништа, далеку од нас. Ние не правиме ништо оваа најважна битка да ја добиеме, бидејќи народот што ќе остане без младоста, умот и знаењето, нема на што да му се радува, затоа што останува без утрешнината, без иднина.

КАКО ДА СЕ ЛЕКУВА СРЦЕВАТА МАНА

Она малку од младите што сѐ уште се наоѓа тука е летаргично, депримирано и потиснато, без надеж и очекувања од иднината, а еден дел е политички поткупен и корумпиран, создавајќи следна генерација исти политиканти и позери.

Заглавени во маглата на минатото и комшиските аспирации, европејското лицемерие и профитерство, корумпираноста, некадарноста и полтронството на нашата политичка „елита“, забораваме на една многу голема вистина.

Никогаш никој ништо не ни подарил и сѐ што сме постигнале, сме постигнале сами и со големи маки и откажувања. Од секогаш живееме на ветрометина на граница меѓу Европа и Азија, на граница на различни вери, царства, интереси и сили. Секогаш сме гинеле храбро, а глупо, повеќе за другите, а најмалку за себе. Никогаш не сме стекнале вистински и искрен пријател надвор. Секогаш сме биле на вистинската страна, на страната на слободата и напредната идеја, човечноста, а никогаш не нѐ почитувале и ценеле, туку нѐ делеле, условувале и со нас се поткусурувале.

Никогаш не сме биле агресор и никогаш не сме побарале туѓо, а секогаш сме морале да дадеме и да се откажеме од своето. Не постои миг во нашето минато и историја, а нашите национални интереси да не им пречат и да не се спротивни на државните интереси и националните апетити на нашите најблиски соседи. Дури и православната руска прегратка никогаш не била братска и уште од 1804 година, нашите национални интереси се спротивставени со руските државни интереси. Европејските тапкања по рамо, прегратки и ветувања секогаш биле водени од сопствениот интерес и секогаш на наша штета, знаме, име, историја, идентитет и територија.

Треба и мора да сфатиме дека ниту еден скут, ничиј скут и прегратка не се топли како сопствениот скут и прегратка, дека нашата мана во срцето треба да ја лекуваме за да почнеме да се сакаме себеси, затоа што сплотени и единствени можеме многу.

Поврзани новости