Стопанствениците ја поздравија одлуката на Анѓушев да ги исклучи неговите фирми од државни тендери

by fokus

Стопанската комора на Република Македонија ја поздрави одлуката на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, фирмите во негова сопственост да не учествуваат на државни тендери додека ја извршува оваа должност, за да се испочитува етичноста на постапките.

„Што се однесува до актуелните прашања во однос на постоење на судир на интереси, нашиот став е непроменет – доследно почитување на законската регулатива и надоградба на принципите, кои ќе оневозможат било каква сомнителна ситуација. Во таа насока, ја охрабруваме Владата на Република Македонија, во најкус можен рок, доколку постојат такви правни празнини, да ги регулира“, велат од таму.

Стопанската комора го поддржи планот за економски раст и напорите за елеминирање на судир на интереси во Владата. Стопанствениците посочуваат дека на планот му недостасува доплнително прецизирање и доработка на критериумите во делот каде е предвидена финансиска поддршка за компаниите со цел стимулирање и поттик на вработувањата.

„Овие мерки во моментов се во работна верзија и генерално ги содржат насоките и барањата на деловната заедница за кои Стопанската комора на Македонија континуирано имаше свои предлози и укажувања до креаторите на економската политика. Бидејќи се работи за сет на мерки за поддршка на стопанството како дел од новата индустриска политика која ја носи Владата, а имајќи во предвид дека истите треба да бидат применливи за сите компании независно на нивната големина или потеклото на капиталот, Стопанската комора на Македонија очекува дека во континуираниот дијалог во следниот период, секој предлог за нивно надополнување или измена ќе се земе во предвид при финалното концепирање и усвојување на мерките“, велат од Комората.

Поврзани новости