Градоначалниците не оствариле ниту половина од тоа што го ветиле

by fokus

За период од четири години, од 2013та до 2016та година, Општините реализирале само 46,7 отсто од она што им било ветено на граѓаните. Новата база на податоци на БИРН „Општините под лупа“, која ги анализира општинските буџет и завршните сметки за овој период, покажува дека локалните власти планирале изградба на капитални проекти во вредност од 762,6 милиони евра, меѓутоа инвестирале вкупно 356,4 милиони евра.

„Останатите 53,3% од планираните инвестиции во градежни објекти, како што се улици, патишта, водоводи, канализации, училишта, болници, паркови и други капитални проекти, останаа погазени ветувања на политичарите испишани во изборните програми и годишните буџети“, велат од БИРН.

Ако се гледа соодносот планирано – остварено, реализацијата на капиталните инвестиции во инфраструктурата е најдобра во општина Охрид и тоа 86,2%, Росоман 78,6%, Кочани 76,9%, Делчево 76,6%, Кратово 76%, а најмалку од планираните инвестиции се реализирале во Старо Нагоричане и тоа само 13,4%, Македонски Брод 17,7%, Карпош 18,1%, Пехчево 18,6% и Демир Капија 24,3%.

Иако во речиси сите изборни програми на градоначалниците приоритет и се давало на инфраструктурата, истражувањето покажува дека само 19 отсто до вкупно потрошените пари на локално ниво, биле инвестирани во капитални проекти.

„Се ветувале и проекти како зоолошки градини, филмски градови, трамваи, големи деловно-трговски центри, луна паркови, па и фабрики и нови работни места, и со нив кандидатите за градоначалници ловеле гласови, сметајќи на краткото помнење на народот или теоријата дека сѐ што е кажано брзо се заборава. Четири години подоцна, оценувајќи го реализираното наспроти ветеното, произлегува дека најкрупните проекти од предизборните програми на локалните власти ги нема во постизборната реалност“, додаваат од БИРН.

Поврзани новости