Отворете го срцето и дајте малку повисоки плати, им порача Заев на инвеститорите

by fokus

Со просечна плата од 265 евра во Технолошко индустриските развојни зони и со голем број вработени кои земаат и помалку,премиерот Зоран Заев денеска им порача на инвеститорите да ги отворат срцата и да им даваат на работниците малку повисоки плати.

Владата денеска ги презентираше економските мерки за субвенционирање на странски и домашни компании, а една од мерките предвидува државна помош само доколку платите во инвестицијата бидат поголеми од 18.000 денари.

-Ќе биде поддржана само онаа инвестиција, без разлика дали домашна или странска, која ќе исплаќа плати повисоки за 50 отсто од минималната. Платите под 18.000 денари нема да бидат субвенционирани. 10 отсто од вредноста на платата ќе биде вратена на инвеститорот, а во зависност од висината на платата, ќе бидат скалесто субвенционирани по плус 15 отсто за да се отвори спиралата – изјави вицепремиерот, Кочо Анѓушев.

Една од мерките се однесува на високо-квалификуван кадар, со тоа што секој работодавач кој ќе исплаќа плата двојно повисока од просечната, државата ќе го субвенционира со 20 отсто од таа плата. Целта е, рече Анѓушев, да се задржат паметните и високообразовани профили во земјава.

Соработката меѓу странските инвеститори и македонските добавувачи, Владата ќе ја стимулира така што оние странски компании кои десет отсто од суровите ќе ги набавуваат од домашни добавувачи, ќе бидат финансирани со еден отсто од вкупниот инпут.

За да поттикне отворање на развојни центри, Владата ќе го поддржи нивното отворање со 30 отсто од износот на трошоците.

Посебна мерка е предвидена за излегување на фирми од стечај и ликвидација, така што оние компании кои ќе ги купаат овие субјекти и ќе инвестираат во обновување на производствениот процес, ќе добијат државна помош од 10 отсто од потрошените средства.

Малите и средни претпријатија, пак, ќе бидат поддржани со 30 отсто од трошоците за конкретни активности кои им се потребни за да бидат поуспешни. Во текстилот, државата ќе ја поддржи изработката на модни колекции и ревии со цел компаниите да направат свои брендови, а да не се потпираат само на лон произвдоство. На пример, покриени ќе бидат и 30 отсто од тршоците за изработка на нова амбалажа на производите.

-Цела на овие мерки е да ја отвориме инвестициската спирала во Република Македонија. Мерките треба да го генерираат економскиот раст. Следната недела ќе бидат организирани две јавни расправи на кои мерките ќе бидат анализирани – рече Анѓушев.

Поврзани новости