Ветеринарната станица од Струмица која заврши кај ВМРО-ДПМНЕ му донесе на Стојанов нова кривична пријава

by fokus

Поранешниот градоначалник на Општина Василево, Вано Стојанов, доби кривична пријава за објектот на поранешната Ветеринарна станица од Струмица. Од СВР Струмица денеска информираа дека објектот бил нелегално легализиран. Стојанов е осомничен затоа што барањето за легализација на обејектот го пренел на фирмата ДПТУ „Црвена ружа“, по што оваа фирма го продала на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Со кривичната пријава е опфатено и физичкото лице во правното лице, 51-годишниот В.М. од Струмица.

Како што соопшти портпаролот на СВР Струмица, Хризантема Рендевска, Стојанов како градоначалник, искористувајки ја својата службена положба со пречекорување на границите на своето овластување, постапил  спротивно на Законот за постапување со бесправно изградени објекти на  штета на буџетот на општина Василево.

Според Рендевска, Стојанов извршил нелегална легализација, односно пренос на правото за легализација на објект на Ветеринарна станица Струмица изграден во 1959 година во село Василево. За него општината поднела барање за легализација без никаков правен однос и истото право го пренесува на второпријавеното правно лице со цел стекнување на одредена корист.

– На тој начин му овозможил на второпријавеното правно лице да се стекне со противправна имотна корист и во текот на 2015 година да изврши легализација на објект за кој поднел барање за легализација од 2011 година, а третопријавениот како управител на правното лице, подоцна, со договор за купопродажба го продаде на  политичка партија, рече портпаролката на СВР Струмица, Хризантема Рендевска.

Полицијата ги сомничи пријавените дека ги сториле кривичните дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“, а  правното лице  и одговорното лице во правното лице сториле кривично дело  „Употреба на исправа со невистинита содржина“.

Поврзани новости