Верушевски доби поголемо обештетување за притворот од Лазаревски: Отштета од 122 евра, од ден, за професорот, а 75 евра за инженерот

by fokus

За 26 февруари е закажана пресудата за случајот „Таргет и Тврдина“, односно за масовното незаконско прислушување во УБК, за што обвинети се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, началниците Горан Грујевски и Надица Николиќ, како и уште неколкумина вработени во Управата.

Со обвинението против оваа група, СЈО го запре кривичниот прогон против обвинетите во „Пуч“, врз кои редовното обвинителство претходно го стави товарот за прислушувањето. Дел од нив веќе и земаа отштета за времето кое неосновано го поминале во притвор.

Па така, едно од повисоките обештетувања доби Зоран Верушевски, поранешниот разузнавач и актуелен советник за безбедност на премиерот Заев. За времето кое го помина зад решетки, односно 334 дена во истражниот затвор „Скопје“, судот извага дека треба му ги надомести со 122 евра од ден, или вкупно државата да му исплати 40.650 евра.

Неговата сопруга, Соња Верушевска, пак доби помало обештетување, односно таа помина 175 дена во притвор за што треба да и бидат исплатени 17.000 евра, или по 97 евра од ден.

Обештетување за неправедно притворени во „Пуч“ бараат и Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, свиркачите кои го открија масовното нелегално прислушување во УБК.
Тие најпрво биле одбиени од Министерството за правда, каде што барале да се спогодат со државата, па затоа правдата ја бараат на суд. Лазаревски помина 329 дена во притвор, а Костовски зад решетки беше 420 дена.

Но наместо бараните 160 евра, „Фокус“ дознава дека Лазаревски доби 75 евра, или вкупна сума од над 24.000 евра, а за Костовски предметот се уште е во судска процедура.

Разликата во отштета што ја доби Верушевски наспроти Лазаревски е 47 евра од ден, односно судиите извагале дека душевната болка на професорот Верушевски е поголема од онаа на инженерот Лазаревски.

В.В.

Поврзани новости