ВЕРО: Ќе ги обезбедиме сите услови за вработените да излезат на гласање

by fokus 22:40
22:40

Супермаркетот „Веро” во реакција испратена до јавноста, тврди дека закажувањето попис токму на денот на изборите, не претставува обид да се спречат вработените да излезат на гласање. Од таму велат дека ќе ги овозможат сите услови вработените во компанијата да можат да го остварат правото на глас.

Реакцијата ви ја пренесуваме во целост.

 Како и во повеќето супермаркети во Македонија, кои што во недела, 11 декември, ќе работат, така и вработените во „Веро“ ќе ги исполнуваат своите обврски, што е практика и во сите останати викенди во текот на годината. Маркетите на „Веро“ нема да бидат отворени за нашите ценети купувачи бидејќи ќе се одвива редовниот годишен попис. Нагласуваме дека одлуката за ова беше вклучена во годишниот план на компанијата уште пред неколку месеци, кога парламентарните избори воопшто не беа закажани, со цел да ја зголемиме ефикасноста во име на нашите потрошувачи.

- Advertisements -

Во таа насока целосно го отфрламе тврдењето објавено од „ЦИВИЛ – Центар за слобода“ дека одржувањето на пописот во „Веро“ на 11 декември е обид да се спречат вработените да излезат на гласање. Сосема спротивно, „Веро“ ќе ги овозможи сите услови со цел вработените во компанијата да можат да го искористат своето право на глас.

Без разлика што ќе се изведува попис, вработените ќе доаѓаат на смени, како што е и вообичаено. За тие што ќе сакаат да гласаат во текот на работното време, ќе има организиран превоз, а ќе постои можност и секој индивидуално да отиде до своето избирачко место.

Уште еднаш подвлекуваме дека одлуката за пописот во „Веро“ е донесена во рамки на годишниот бизнис-план на компанијата, неколку месеци пред изборите воопшто да бидат закажани. Истакнуваме дека вработените нема да бидат спречени, напротив, ќе се обезбедат сите услови со цел секој да го искористи своето право на глас.

 

 

 

Поврзани новости