Венко Глигоров: Формирајте партија и барајте нови избори

by fokus 10:37
10:37

Го гледав вчера интервјуто на претставниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ Илинден 4. Симпатично делуваше на одредени моменти. Претставниците беа опуштени и со доза на хумор и досетки. Имаа и глупи испади, но ОК е и тоа. Убаво е да се слушне за љубовта кон татковината и граѓанската должност што тие ја чувствуваат. Велат дека не се задоволни од политичките елити и ќе поднеселе тужби до меѓународните судови заради нефункционалност на државата Македонија. До тука ми се чини е се’ во ред.

Тоа што не е во ред е што тие мислат дека може да се стават над законите и да бидат некаков финален арбитар на случувањата во Македонија. Демек народ биле. Велат дека артикулираат 200.000 луѓе од сите партии што не се задоволни од ситуацијата – и многу повеќе што не се осмелуваат да им се приклучат или имале трема да зборуваат пред народ!!!???? И да е точно, што се случува со останатите еден милион луѓе (и со цифри 1.000.000), дали тие не се народ? Што се случува со 100.000 луѓе од тие што излегуваат, као се со нив, а не одат по своја волја туку заради фамозните партиски списоци? Еве и тоа на страна да го оставиме.

- Advertisements -

Да ги потсетиме дека Македонија е парламентарна демократија и дека целиот народ (или сите граѓани) се застапени од пратениците кои се гласаат на избори. Во моментот кога народот ќе го даде својот глас, тој го делегира избраниот пратеник да ги застапува неговите интереси во Собранието. И толку од народот во делот на парламентот. Да, може да даваат предлози, можат да негодуваат – но сето тоа мора да оди преку избраните пратеници. Пратениците се законодавците кои дебатираат и носат одлуки во парламентот. Како тоа овие од граѓанската иницијатива се осудуваат да вршат притисок и да влегуваат во собранието непоканети? Тоа не е само дрскост туку е насилие врз законодавниот дом.

Нејасен е и статусот на оваа иницијатива. Барем мене не ми е јасен. Граѓански протести се во ред одредено време и во одредена рамка/поле на дејствување. Не е дозволиво овие протести да бидат во ситуација да се постават и како уставен судија, и џандар, и портпарол на партија и адвокат на Претседател. И да бидат мост за насилници да влегуваат во собрание. И тоа така да тера 60+ денови со нивна намера да тера “до даљнег” – на неопределно време.

Ако мислат дека е народот со нив, дека истите се незадоволни од сите партии и ако бараат нови избори – мора тоа да го официјализираат со формирање на партија. Или барем со некакво невладино здружение па да бидат ставени во правна рамка како сите други правни лица. Да може да се види нивното финансирање, програма и оперативно работење и трошоци. Ако можат фирмите, партиите, компаниите, здруженијата – зошто оваа иницијатива да биде надвор од законите. Ако сакаат да делуваат долгорочно, мора да имаат правна рамка согласно законите во Македонија. Како сите други.

Значи, дечки, додуша претежно сте од генерациите со залез на кариера и живот, формирајте партија, направете ваша програма и барајте избори. Вака сте само еден израсток на една партија која не ја почитува волјата на мнозиството граѓани која се преточи во парламентарно мнозинство. Се’ додека се фалите на протестите со “народ” кој се чини дека ви го организира друга партија, се’ додека се правите храбри, а потоа се извлекувате со наивни и со кукавички изјави “не бев јас” – Вие ќе бидете кочничарите на Македонија. Служите како маша да се парализира економскиот систем во Македонија, иниституциите да не можат да функционираат слободно и се блокирани, а единствената институција со легалитет, таа на Претседалот, ја охрабрувате да работи противуставно и да носи катастрофално лоши одлуки.

Одважете се како вчера. Формирајте партија и работете легално. Може и ќе ја добиете поддршката и на оние кои се сега против вас.

Поврзани новости