Величковски: Вајгл зазеде страна во тешкиот спор кој ја оптеретува Македонија

by Фокус 21:33
21:33

Претседателот на Либералната партија на Македонија, Ивон Величковски, испрати писмо до европратеникот Иво Вајгл. Во писмото му ги соопштува погледите на партијата на актуелните состојби во преговорите за решавање на кризата.

„Ја разбирам Вашата преоптовареност, но мислам дека овојпат сте се зафатиле со сериозна работа и имате обврска добро да го подготвите она што ќе го кажете во официјална изјава. Сметам дека Вашата последна изјава добива искривоколчено значење и така влијае во домашната јавност, бидејќи Вие, веројатно со господинот Хан, заради обемната агенда, сте си поставиле задача на одржаните разговори во Брисел да ги решите сите прашања. Затоа, многу лесно, веројатно и во момент на лутина, го обвинувате Заев дека ѝ нанел штета на нашата држава.

- Advertisements -

Со таа реченица, господине Вајгл, Вие сте зазеле страна во овој тежок спор кој ја оптоварува нашата држава. Сте зазеле страна и сте се ангажирале во корист на Груевски и на сегашната власт во Македонија, не мислејќи многу кој, каква и колку штета ѝ нанел на РМ.

Колку што разбрав, вината на Заев е во тоа што не се согласил Никола Груевски и во транзициониот период да остане на чело на владата. А кој разумен би се согласил со тоа барање? Ако тоа го прифател Заев, ЛП и јас би биле негови први противници и први би го осудиле. Кој може да прифати на чело на преодната влада, што треба да ја подготви земјата за фер и демократски избори, да биде лицето кое е јасно лоцирано како носител на изборниот процес што масовно ја искривува волјата на граѓаните?

Ако сте заинтересиран, има многу начини и извори преку кои ќе се уверите во ширината и во длабочината на поклопеноста на државата од Груевски и од Ахмети и од врвовите на нивните партии. Ви стојам на располагање да Ви помогнам во согласност со Вашите потреби“, се вели во писмото што Величковски му го упати на европратеникот Вајгл.

Поврзани новости