Велевска по повиците за нејзин бојкот во Австралија: Oстанав во Македонија кога сите вадеа туѓи пасоши!

by fokus 14:22
14:22

Откако радио Илинден, македонска радио станица од Мелбурн, Австралија, повика на бојкот на австралиската турнеја на фолк пејачката Елена Велевска, и ја прогласи за бугарофилка, бидејќи во интервју за бугарската телевизија Планета изјавила дека песните ,,Јовано, Јованке’’ и ,,Кажи облаче бело’’ биле буграски, се јави и пејачката со свој став. Вели дека зборовите и се извадени од контекст, и дека се прави една нечесна кампања против неа.

,,Македонија се сака со дела! Јас сум патриот кој остана во Македонија и кога сите извадија пасоши и ја напуштија! Доказ за тоа е моето потомство, мојот сопруг кој цели десет години живееше во Австралија, но се врати овде, тоа што имам три деца покрај сите обврски… Останав овде и во лошо и во добро, иако имав можност да заминам со семејството. Ја поминав овде и најтешката година за музичарите, кога имаше забрана за емитување на наши песни. Освен што имам десет албуми со македонски песни, имам добиено и награди за најголем промотор и поддржувач на македоснката песна. Пејам на многу јазици, тоа ќе се види, а приоритет секогаш ми е македонската песна. Во интервјуто за бугарската телевизија, може да се забележи дека јас зборам македонски, а и го започнав гостувањето со македонска песна’’ – вели Велевска.

Таа и на својот официјален Фејсбук профил јавно им се извинила на Mакедонците низ целиот свет за интервјуто на ТВ Планета, за кое што вели дека погрешно се изразила, и тврди дека стои зад ставот дека песните ,,Јовано, Јованке’’ и ,,Кажи облаче бело’’ се македонски изворни нумери. Додава дека цели три години и биле потребни за да ја прифати понудата за соработка со бугарската продукција Пајнер, и кога веќе требало да сними песна, тоа го направила со македонски автори, македонска песна, и видео спот изработен во македонска продукција. Свесна била дека нејзиниот успех и посветеност на кариерата на многу нејзини колеги им се трн во око, па затоа не се изненадила кога дел од нив јавно го споделиле апелот за бојкот на нејзината турнеја.

,,Да се биде жена, успешна во својата професија секогаш е голем предизвик. Многумина едваj чекаат да ти стават сопка. Токму ова извртување на моите зборови, за кои што сепак дури и јавно се извинив, не сакајќи да повредам никого, докажува дека има луѓе кои што постојано се занимаваат со местенки, и ја мешаат музиката со политика. Јас сум Mакедонка, пејам на мајчиниот јазик, но пејам и на други јазици, оти музиката не познава граници. Најжално во целата ситуација е тоа што најгласни против мене се токму оние колеги, кои што за време на своите турнеји во дијаспората, на својот репертоар имаат само туѓи песни од повеќе балкански автори, а не испеале ниту една своја авторска песна’’ – реагира Велевска.

Нејзината едномесечна турнеја низ Австралија започнува на 21 април, со настап во Сиднеј. Потоа следат концерти во Волонгонг, Мелбурн, Канбера, Перт и други поголеми градови.

Вики Клинчарова

 

 

Поврзани новости