Велешани денеска дишеа канцероген чад

by fokus

Градската депонија на Велес денеска цел ден гореше, а бел опасен чад се ширеше кон градот.  Пожарот  со вода  го гаснеа екипи на Противпожарната единица и ЈКП „Дервен“ кое стопанисува со депонијата кои со булдужери затрупуваа со земја.

Како што информираат од ЈКП „Дервен“ пожарот попладнево е  веќе локализиран, но самото гаснење е отежнато поради составот на запалената маса.

Според соопштението од ЈКП „Дервен“  причината за пожарот се високите температури и депонискиот гас што го испушта отпадот.

Општинскиот инспектор за животна средина Билјана Шуркова Манаскова во изјавата за медиумите потенцира дека причините за пожарот како и во изминатите лета на градската депонија се високите температури и депонискиот гас, но не го исклучува и  невниманието од  човечкиот фактор.

– Велес има најзагаден воздух кога гори депонијата. Кога гори отпад во амбиенталниот воздух се ослободуваат најтоксичните материи – дуксини и фурани  кои што имаат и канцерогени својства. Затоа како општина  се трудиме кога ќе имаме ваква несакана појава и  правиме напори што побрзо  да го локализираме пожарот, појасни Шуркова Манаскова.

Воедно најави санирање на состојбите и преземање на мерки за да не дојде до повторно опожарување на депонијата.

Градската депонија во Велес гори секое лето, а решението е изградба на регионална депонија каде ќе има селектирање на отпадот. Локалните власт апелираат за изградба на стандардна регионална депонија кај Росаман која би чинела 20 милиони евра, а која засега е само во техничка документација.

Поврзани новости