Веќе 40 дена го нема Илија од Демир Капија, во земјава се трага по над 60 исчезнати лица!

by Fokus

Поминаа четириесет дена, а од мојот син нема никаков глас. Каде е и како не може да се најде во мала земја како Македонија, каде сите меѓусебно се знаат, зарем никој никаде го нема забележано? – прашува демиркапијката Снежана Лазаревиќ, чиј син Илија (30) е исчезнат од седми април.

Во телефонски разговор за „Фокус” очајната мајка вели дека според информација од полицијата, неговиот телефон последен пат бил лоциран еден ден по исчезнувањето, односно на осми април, во близина на тунелите кај Демир Капија.

-Целиот тој регион е пребаран. Го бараа и кајакари низ реката. Нема тело, го нема телефонот. Но, го нема и мојот син повеќе од еден месец… Немоќна сум, не знам каде да се обратам. Не сакам никого да напаѓам, но времето минува, јас останувам да ги чекам одговорите од полицијата. Фотографијата на Иле ја обиколи земјата, се објави во сите медиуми, како никој да не го видел досега? Не знам веќе колку пати пишувам на мојот Фејсбук профил, доколку прочита, да ми се јави, ме убија грижите… И брат му во Србија е загрижен, овде роднини прашуваат, другари го бараа наоколу… Живееме кошмар веќе 40 дена – раскажува Лазаревиќ.

На страницата за исчезнати лица на МВР, се објавени околу 60 фотографии и податоци за исчезнати граѓани по кои се трага. Помеѓу нив е и Илија, но и 29-годишниот Љумани Исљам од Ресен, по кого се трага од 23-ти март годинава. Како нем потсетник за нерешената мистерија стои и фотографијата на Марија Брзакова од село Босилово, која исчезна на свои 28 години, на 18-ти јануари минатата година.

Голем дел од исчезнатите лица се на возраст од 30 до 40 години, или пак биле на таа возраст кога им се изгубил траг. Некои се исчезнати пред повеќе од десет години.

Стојат фотографиите и на трите деца, Мирсада Хељдовиќ и Дане Мемеди од Куманово и Митат Ибраими од Скопје, кои исчезнаа во рок од еден месец во 2010 година, а потрагите по нив не дадоа резултати. Малолетниот Џеладини Ренат од Куманово исчезнат во 2014 година, 19-годишната Куртиш Арифе од Скопје исчезната во 2017 година, 15-годишната Герасимовска Билјана од Скопје исчезната во 2014 година, 18-годишната Кадрија Зеќавете од Куманово исчезната во 2015 година, се само дел од младите луѓе по кои МВР трага, а чии семејства со години живеат во неизвесност и без одговор на прашањето – Каде е нашето дете?

Вики Клинчарова

Поврзани новости