Веќе 11 месеци нема нови траги во истрагата за исчезнувањето на Марија

by fokus 13:39
13:39

Се работи на случајот, истрагата трае. Ако има нови траги, јавноста ќе биде известена – тоа е одговорот кој денес телефонски го добивме од Хризантема Рендевска, портпарол на СВР Струмица, во врска со случајот на исчезнатата Марија Брзакова од село Босилово.

Истиот одговор од надлежните служби веќе го слушнавме во повеќе наврати во овие 11 месеци, откако младата мајка и сопруга исчезна од својот дом во раните утрински часови на 18-ти јануари.

- Advertisements -

Мистеријата со Брзакова (29), која со сопругот и три годишната ќерка се вратила во Босилово во септември 2019 година од Швајцарија, каде живееле, трае речиси една година. Нејзините, како и родителите на нејзиниот сопруг, кои исто така живееле и работеле во Швајцарија, се вратија во Македонија по нејзиното исчезнување.

Во телефонски разговор со нејзината мајка, Валентина, набргу по исчезнувањето, дознавме дека Марија била во вториот месец од бременоста кога исчезнала. Околу тоа дали сега се трага по неа, но и евентуално по нејзиното бебе, кое би било на возраст од околу пет или шест месеци, од СВР Струмица велат дека не можат да дадат детали, но потенцираат дека истрагата трае.

,,Фокус” разговараше со Валентина и во месец мај, кога таа ни кажа дека остануваат овде и не се враќаат назад во Швајцарија се додека не дознаат што се случило со нивната ќерка.

-Таа и сопругот дојдоа во Босилово на одмор, ќеркичката и е мала, не оди во градинка, затоа сакаа да поминат некое време овде. Живееме во агонија и неизвесност, никој да не ја почувствува оваа болка. Ништо не наговестуваше дека нешто вакво ќе се случи, ние остануваме овде се додека не се најде Марија и не се расчисти случајот. Таа исчезна овде, во Македонија и се губи трагата, и затоа мислиме дека може да биде овде – појаснуваше мајката пред околу половина година.

Од информациите кои ги добивме, таа заминала од домот во четири часот наутро, без документи и мобилен телефон. Од податоци од граничните премини и аеродроми во земјава, било утврдено дека не ја напуштила државата.

Откако младата жена исчезна, беа организирани потраги од месното население и ловџии, кои пребаруваа канали и речни корита во околината на Босилово. Неколку месеци по исчезнувањето од ОЈО Струмица информираа дека е оформен предмет и се преземени повеќе дејствија.
Испрашани биле повеќе лица, одземени и вештачени мобилни телефони, извршен претрес во нивниот дом во Босилово, прибавени видео снимки од камери од објекти во селото.

Марија Брзакова се наоѓа на официјалната страница на МВР со исчезнати лица. Родена на 05/04/1991 година, исчезната на 18/01/2020 година од село Босилово, Струмица, е единствениот податок наведен под нејзината фотографија.

Телефонскиот број на мајката на Марија сега е исклучен, и нема податоци дали роднините на Брзакова се уште се во земјава и чекаат разрешување на случајот кој ја вознемири јавноста, или пак се вратиле назад во Швајцарија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости