Популарниот бенд С.А.Р.С. вечерва ќе настапи во Битола, на меѓународниот младински арт фестивал Битола отворен град.
Се работи за фестивал кој седумнаесет години ја слави алтернативната уметност и урбаната култура, стимулира културен активизам, ја инспирира публиката да биде свесна и отворена за нови прогресивни идеи и придонесува за развој на културниот туризам во Битола. Битола отворен град трае шест дена и оваа година се одржува од 25-ти до 30-ти јуни. С.А.Р.С. ќе настапат на плоштадот Гоце Делчев, со почеток од 22 часот.
Свеже Ампутирана Рука Сатријанија или скратено С.А.Р.С. е српска алтернативна рок група од Белград, основана во 2006 и од тогаш до денес имаат издадено 9 албуми, имаат многу успешни турнеји зад себе и популарни песни. Во Битола доаѓаат по седум години пауза, откако во 2011 година го промовираа албумот „Перспектива” во рамките на фестивалот Битола отворен град.
В.К.