Веб-порталот на „Вечер“ се подели на два дела, со едниот раководи Ивона Талевска

by fokus

Откако Ивона Талевска си заминала од уредничката позиција во весникот „Вечер“, во август годинава, ја презела веб-страницата на весникот чие лого го заштитила, а ја презела и страницата на Фејсбук која има над 120 илјади фанови, пишува „Бирн“.

Сегашниот раководител на Вечер, зетот на Бојо Андрески, Бобан Богдановски Андревски кој е директор на весникот, бил принуден да отвори нова веб-страница, vecer.press, со најстарото лого на весникот. Фејсбук страницата има само 19 илјади фанови, во споредба со 120 илјади на страната на Вечер.мк, а во импресумот се набројани сите новинари, уредници и технички лица вработени во весникот.

Па така, сега веб-порталот Вечер е поделен, на Vecer.mk и Vecer.press, со таа разлика што на веб порталот од Ивона Талевска стои и она познатото „прв дознава“, додека кај порталот од весникот Вечер стои само годината на првото објавување на весникот – 1963.

„Се случија некои непожелни ситуации за кои сè уште не ни е јасно како е можно да се настанати. Ние го заштитивме логото уште во 2006 година, а истото во 2014 го сторила и Талевска. Едното е заштитено со слоган, другото без слоган. Така што домејнот ни е преземен, исто како и страницата на Фејсбук. Да се надеваме дека ќе се реши оваа ситуација“, стои во изјавата на Бобан Андрески за „Бирн“.

Тој додава дека за случајот не покренале судски спор, иако не му е јасно како е можно исто лого да биде заштитено два пати од различни луѓе.

Поврзани новости