Васил замина во Америка: Никогаш нема да заборавам од каде доаѓам!

by Fokus

Музичарот Васил Гарванлиев (36), кој беше наш претставник на Евровизија 2021, а исто така беше избран да не претставува на настанот и во 2020, но истиот не се одржа поради пандемијата со корона вирус, веќе еден месец е во Чикаго, САД.

Талентираниот баритон, кого јавноста го запозна како дете кое остави хит композиција зад себе на детскиот фестивал ,,Златно славејче”, за да потоа со родителите се пресели во Чикаго, во земјава се врати пред три години. Со богат оперски багаж и настапи ширум светот со популарни и звучни музички имиња, тој се посвети на градењето на кариера во Македонија, каде и покрај искрената намера да ја освои публиката со музика и пораки за љубов, беше дочекан, но и испратен на Евровизија со низа на предрасуди и напади.

Сега, кога повторно е во Америка, за ,,Фокус” раскажува дека има турбулентен период, исполнет со убави настани, снимања, гостувања, дружби со тамошната публика, на кои за разлика од кај нас, во неговата родна земја, е дочекан со овации.

-Минатата сабота имавме 65-годишнина од хорот, прекрасна Гала вечера на која ја запеав ,,Here I stand” заедно со хорот од стотина деца. Магично чувство! Имам настапи, снимања, се крчкаат нови проекти, паралелно и со агенти од Лондон- раскажува струмичанецот.

За 2021 година, вели дека е година која му ги отворила очите на повеќе од еден начин.

-Васил врати се на корените за да можеш да ги рашириш крилјата и да полеташ во посакуваните височини – тоа беа зборови на еден мој ментор пред 20 години кога заминавме од САД .
Во тоа време Greg Jaspere, проминентен џез музичар, направи аранжман за детски хор на песната ,,Татковина” и ми го посвети токму мене, бидејќи тоа беше мојата омилена македонска песна. ,,Татковина” и ден денес се пее низ светот, минатата година снимав ковид видео во изведба на околу 200 деца низ целиот свет, кои на прекрасен македонски јазик ја отпеаа ,,Татковина”.

Што ме научи 2021 во Македонија?

Дека живееме со стиснати души до кои не може да допре љубов, дека не можеме да ја видиме вистината од претешкиот плашт на лагите, дека поддршката ја заменуваме со сопка – вели струмичанецот.
Раскажува дека и покрај линчот кој му се случи во родната земја, како и сите предрасуди со кои беше соочен, сепак продолжува да пее за својата земја, и никогаш не заборава од каде доаѓа.

-Јас се вратив во Македонија со чиста визија и чек листа на желби… И сите ги реализирав за две години. Пази што посакуваш, ќе ти се оствари…
Но, проблемот во Македонија е во тоа што ние не знаеме што сакаме и погрешно ја насочуваме нашата енергија, наместо кон наш успех – кон туѓ неуспех!

Нема никогаш да престанам да пеам за Македонија.Тоа го правам во последните 30 години, така и ќе продолжам – вели Васил, кој летово имаше низа на настапи на Скопско лето, на Парадата на гордоста во Скопје и Софија, Nisville Jazz festival, Eurovision Song writing camp…

За јавниот линч кој му се случуваше пред да замине на Евровизија, кога од одредени групи на луѓе беше напаѓан поради признанието дека има бугарски пасош (кој го добил како дете за да замине со семејството во странство во потрага по егзистенција), обвиненијата дека е бугарски, а не македонски претставник, но и поради неговата сексуална определба за која отворено прозборе, вели дека тоа се околности, во кои најважна е реакцијата на жртвата.

-Горчливо е чувството да не се чувствуваш безбедно дома и не му го посакувам никому. Но, свесен сум дека ние луѓето, како што всушност и кажав во нашата тема годинава на Евровизија, ,,Here I stand” – сме огледало на туѓата несигурност.

За жал, јавните личности се многу често мета или линчувани поради таквите нешта. Но, јас знам дека се тоа околности и знам дека е најбитна мојата реакција на нив, јас одбрав тоа да ме инспирира и да ми дава уште поголема желба и причина да пеам и да ширам љубов преку мојата музика, приказна и глас.
Народот заминува од неа… Но, Македонија останува… Каква и да е.
,,Here I stand” за Македонија – раскажува Гарванлиев.

Среќен и благодарен е што публиката во Америка го поздравува со големи овации, што може да се види и на видеата кои ги споделува.

-Јас без разлика каде сум, нема никогаш да заборавам од каде доаѓам и гордо ќе стојам со и за тоа.
Македонскиот албум ,,Судбина” е готов и за сега стои во фиока.
Во моментов спремам неколку улоги, концерти, видео, и го снимам мојот прв Англиски ЕП – ни изјави музичарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости