Васил Зафирчев: Жените се посилен пол

by Фокус 12:55
12:55

Актер, танцувач, забавувач. Одлично се вклопува во секоја од улогите што ги одбира. Риба во хороскоп, одгледан и воспитан од мајка, чиј астролошки знак бил Девица, во често отсуство на својот татко, па од него создава вреден, доследен и амбициозен човек, кој сигурно чекори кон своите цели, притоа уривајќи дури и различни табуа.

Светот им припаѓа на жените, само тие можат да прават промени во него, ни изјави овој наш шармантен шоумен. Научил како да го планира и да го контролира сопственото време, па дури го вклопил и начинот на исхрана во системот што му обезбедува енергија на сцена. Па, затоа и ние решивме да го испочитуваме неговото темпо.

- Advertising -

Нашата прошетка во Скопје Сити мол ја почнавме од местото кое ни ја донесе енергијата за овој ден. Од местото, кое е инспирирано од њујоршките витамински барови „Џуси енд ко“, добивме уникатен микс на цеден детокс-сок, во кој вистински уживавме.

ФОКУС: Наскоро, поточно на 28 овој месец, ќе славите 34. Млад, амбициозен, трудољубив и перфекционист. Нетипично за една Риба. Дали можеби емоциите се вашата водилка кон секој проект во кој се впуштате?

ЗАФИРЧЕВ: Веројатно, афинитетите и предиспозициите за уметност ми доаѓаат токму од мојот хороскопскиот знак Риби, особено таа специфична емотивна страна на овој знак е присутна, мошне позната за овој астролошки знак.

Меѓутоа, силните страни на мојот карактер, амбициозноста, трудољубивоста и перфекционизмот, па дури и неоткажувањето од нештата до самиот крај, повеќе ми се врзани со Лавот во подзнак и Ракот во Месечина. Чинам дека силата на дел од мојот карактер доаѓа од токму нив, посебно по 25-та година, како што и самите астролози знаат да толкуваат.

Но, морам да бидам искрен и да признаам дека голем дел од моите силни страни се резултат на  челичното воспитување како дете, кое сум го добил особено од мајка ми, но и од дисциплината што ја совладав за време на студиите, посебно за време на моите визитинг-студии и мастер-класови во странство.

Бев во многу земји низ Европа каде што научив дека за оваа работа, уметничката, не е толку важен талентот, туку упорноста и трудољубивоста. Научив дека во оваа професија дефинитивно само маратонците го трчаат последниот круг, односно успеваат тие што се најсилни, најупорни и имаат јасна и точно дефинирана цел.

ФОКУС:  Вообичаено, ако ги следиме карактеристиките на овој хороскопски знак, тогаш би требало да најдеме една личност која сака да биде со себе, повеќе отколку со другите. Но, вие сте несебично отворен, дури не ги криете ни сопствените емоции. Еве, публиката имаше можност да ве види како плачете воодушевен од танчарите. Не се плашите да го сторите тоа иако сте маж, а Македонија е полна со стереотипи?

ЗАФИРЧЕВ: Чудни се Рибите. Рибите се мошне специфични кога е во прашање нивната емотивна природа. Многу се чувствителни и често знаат да се повлекуваат од предизвиците, посебно кога е во прашање отворениот и искрен однос. Рибите  имаат длабока емпатична природа и знаат да сочувствуваат со другите. Во состојба се дури и да ја премолчат вистината, само да не повредат некого, посебно од личностите кои се дел од нивното блиско опкружување. Меѓутоа, јас многу работев на тој дел од мојот карактер.

Многу одамна сфатив дека  мојот мир и мојот спокој кореспондираат со секогаш отворената и споделена вистина, освен во ситуации кога вистината знае да биде деструктивна. Во тие моменти најчесто премолчувам чекајќи мојот соговорник да биде подготвен да го сподели тоа што јас сакам да го кажам.

Ова не секогаш е врзано со храброста да зборувате или да покажувате чувства, туку е врзано со преземањето на одговорноста од тоа што го споделувате. Да, јас сум мошне одговорен и стојам цврсто зад секоја моја постапка. Не се каам, ниту, пак, се плашам за сѐ што сум сторил.

ФОКУС: Човек едноставно не може да не ве забележи. Секогаш педантен  кон себе, со уникатен стил, па дури и во најлежерните варијанти. Имаме впечаток дека дури и пижамите сакате да ви бидат совршено испеглани и вклопени со постелнината. Дали ова значи дека точно знаете што сакате за себе во секој миг од секојдневието?

ЗАФИРЧЕВ: Да, баш е така. Јас секогаш сакам сѐ да е чисто, испеглано, уредно, педантно. Плус, со текот на времето научив дека минимализмот и во форми и во бои мене најмногу ми лежи. Знаете како, јас растев со дури три силни жени, мајка ми, тетка ми и мојата баба. Секоја од нив на свој начин влијаеше на мојот карактер. Јас сум многу среќен поради тоа. Кога влегов во пубертет добив отпор кон нивното влијание врз мене и знаев да ги обвинам дека биле многу сурови со мене.

Но, подоцна кога почнав да се занимавам со оваа професија, сфатив дека сум им благодарен за сето она што го сториле со мене и за мене. Тие на некој начин ми направиле услуга, успеале да ме заштитат да не запловам во некакви води во кои можев само да заглибам. Направија од мене личност која знае точно што сака да прави, па го прави точно тоа што го сака.

На сцената за него секогаш се грижат луѓето што ги прават костимите. Во поглед на тоа, откривме дека иако можеби некој костим не му е по волја, сепак е дисциплиниран и се вклопува во него, онака како го замислил костимографот. Нашата замисла во Скопје Сити мол беше дека парчињата на брендот „Битсиани“ совршено му легнуваат, па не погрешивме во шопинг-уживањето од овој бренд.

ФОКУС: Ви пречи ли што во Македонија сѐ уште имаме стереотипи дека мажите не би требало да одат на козметичар?

ЗАФИРЧЕВ: Луѓето секогаш и секаде ќе ве доживуваат вака или онака. Тоа е нивен светоглед, не е мој.  И тоа не е само во Македонија. Многу е важно вие да го поседувате оној внатрешен глас, кој ќе биде ваша водилка. Ова посебно се однесува за личностите што се занимаваат со јавните професии.

За мене надворешниот изглед е секогаш одговор на нашата внатрешност, на тоа како ние се однесуваме самите со себе. Тоа е врзано со самопочитта. Тоа е поврзано со фактот дали ние самите имаме активен или пасивен однос со самите себе. Често луѓето што ни оставаат впечаток дека не посветуваат внимание на надворешниот изглед, најчесто се луѓе кои не си го почитуваат внатрешниот однос со себе. Тие најчесто се движат по линија на помал отпор. Високата свест и самосвест бараат и висока одговорност кон нас самите, и внатрешно и надворешно.

За крај морам да бидам искрен дека посебно по ова прашање високата самосвест кај мажите по дифолт е голема одговорност на жените. Мислам дека доколку жените го прифатат одењето на мажите на козметичар како нормален тек, ние мажите едноставно само ќе се вклопиме во целата слика без некакви помпи. Мислам дека жените имаат задача да ги превоспитаат мажите  за некаков подруг однос кон себеси, едноставно и поради тоа што денес жените не се само домаќинки, туку тие се и вработени, и партнерки, мајки, но и рамноправни со мажите во секоја професија.

Се менуваат тие стереотипи кои важеа до 20 век. Чинам дека полека се губи границата на поделби меѓу машки и женски функции, па со самиот тој чин останува уште револуцијата на односот на секој од нас кон самиот себе, не како припадник на некој пол, туку како личност. За жал, во Македонија, сѐ уште сме робови на некакви стереотипи. Затоа јас ги повикувам жените малку поактивно да ја разбудат таа свест. Помина времето кога мажите доаѓаа дома од работа, па по ручекот седнуваа дома пред телевизор или читаа весник. Во денешно време, сѐ почесто среќаваме семејства каде што жените, а не мажите, се глава на семејството. Затоа мора да се напушти таа пасивна улога на мажот по дома.

ФОКУС: Танцувате, пеевте, глумите…Комплетен шоумен. Дали ова можеби ве води кон мислата да создадете мјузикл или можеби да имате свое ток-шоу?

ЗАФИРЧЕВ: Како да не. Јас тоа одамна многу си го размислував. Имав едно такво искуство со проектот „Чија си“. Некако, со текот на годините, сфатив дека за некои нешта треба да се има и традиција. За жал, нашето поднебје, и воопшто нашата културна реалност, во својата основа не познава однос кон тој тип на уметност. Тоа е еден од најзахтевните и најдисциплираните форми на уметност. Токму затоа на Запад, можноста да се настапува во мјузикл е престиж. Сепак, Македонија нема ни таков кадар.

ФОКУС: Во актерството во Македонија стасавте до едно завидно ниво. Не посакувате ли понекогаш да се одлепите од границите на земјава и едноставно да ја пробате својата среќа во Холивуд или еве можеби да соработувате со некој европски филмски уметник, на пример со Педро Алмодовар?

ЗАФИРЧЕВ: Јас тоа некако си го расчистив уште за време на студиите. Сфатив дека никој не ме држи со сила овде. Воопшто не сум од уметниците кои сметаат дека со времето во кое се ангажирани тука, пропуштат нешто таму надвор. Имав можност да  работам во странство, да студирам таму, но сфатив дека сум многу носталгичен тип, и тоа повеќе за луѓето што ми го дефинираат чувството на припадност отколку за сопствената земја.

Убавото време нѐ натера да си дозволиме убаво кафе под сончевите зраци во февруари. Нашата прошетка во Скопје Сити Мол ја продолживме со мирисот на кафето во „Тренд“.

ФОКУС: Кога правиме вакви паралели, неизбежно е да ја споиме и политиката. И во Хрватска бројни актерски имиња се вклучија во политички кампањи, со поддршка на одредени партии. Меѓу нив се спомнуваше дури и починатата Ена Беговиќ. Роналд Реган во политиката стаса од глумата. Колку вие сметате дека треба да постои врска меѓу театарот, културата воопшто и политиката? Дали тоа е добро или, сепак, става некаков печат  врз нечие актерско име, чиј политички здив потоа никогаш не може да исчезне?

ЗАФИРЧЕВ: Не, никогаш не сум сметал дека активно можам да бидам дел од политиката. Одговорноста што ја носам како уметник, не ми го дозволува тоа. Платон, уметниците ги сместува во самиот врв на една држава. Тие  мора да имаат највисоки естетски, морални, духовни, секакви стандарди со кои треба да бидат над политичарите. Ние во Македонија дозволивме политиката да биде присутна насекаде, а ја изгубивме уметноста како некаков критичар на општествените случувања.

ФОКУС: Велес, вашата родна нишка. Од Велес  потекнува еден од нашите истакнати поети, Коста Солев Рацин. Не само што овој факт не го заборавивте, туку направивте и филм за него. Со овој чин, сакавте да ја разбудите свесноста за неговите вредности?

ЗАФИРЧЕВ: Велес е една од моите духовни нишки на идентитетот.  Ова особено ми се потенцираше како чувство по враќањето од Хрватска. Токму и затоа инвестирав во стан тука, дури и покрај фактот што моите имаат семејна куќа во градот. Велес има многу предци кои оставиле парче од секој нив во душата на самиот град. Меѓу нив се Џинот, Рацин…

Имам впечаток дека младите генерации многу малку знаат за ликовите кои се духовно колективно минато на овој град. Јас сакав да направам нешто за Рацин затоа што тоа го чувствувам како некаков духовен долг, посебно затоа што тој бил личен пријател на мојот дедо. Токму затоа од голема корист ми беа белешките запишани во дневникот на мојот дедо, кои ми беа и некаква водилка за овој филм.

Велес е  на некој начин и градот кој дал насока за театарската сцена воопшто во Македонија преку бројни дејци кои го негувале театарот, и тоа не само како сцена, туку и како инспирација за бројни театарски дела и театарски работници. Од Велес почнал патувачкиот театар, кој нѐ довел до институционалната форма на театарот денес.

ФОКУС: Калиопи, не можеме да ја заобиколиме, сепак е дел од вашата животна приказна. Имам впечаток дека брачниот живот со вас создаде една малку поинаква Калиопи. Колку таа создаде  некој друг лик во Васил?

ЗАФИРЧЕВ: Јас и Калиопи имавме неверојатно човечко и духовно препознавање. Ние отсекогаш бевме, пред сѐ, пријатели кои се сакаат и почитуваат како луѓе. Влијанијата беа заемни. За македонската јавност можеби повидливо беше она што јас го правев професионално за Калиопи. Секако дека и таа имаше големо влијание врз мене. Мене ми е драго што зад нас, покрај едно убаво пријателство и брак, речиси 8 години, делевме и убави и помалку убави заеднички моменти, оставивме и убави заеднички проекти.

ФОКУС: Вообичаено во животниот век во кој сте, сите размислуваат за тоа дали треба да имаат свој наследник. Сте помислиле ли понекогаш на тоа? Сакате ли да имате деца, па дури и да бидат можеби посвоени, родени од сурогат-мајка? Ви недостига ли семејната нишка?

ЗАФИРЧЕВ: Јас со ова прашање многу интензивно се занимавав додека бев во брак со Калиопи. Двајцата го посакувавме тоа. Но, ете не се случи. Моето животно искуство некако ме научи дека тоа не може да го направите тогаш кога вие ќе посакате. Сметам дека тоа е еден од најзначајните животни проекти на секој од нас. Плус научив дека не е важно да станете татко, туку да станете воспитувач и насочувач на своите деца.

Многу е важно со кога ќе го воспитувате и како ќе го воспитувате тоа дете. Една моја пријателка вели, децата се проект во кој по 18 години ќе ви биде испорачан трудот по кој ќе знаете дали правилно или неправилно сте ја вршеле својата функција како родител.

ФОКУС:  Додека танцувавте во првата сезона, важевте за еден од фаворитите. Се шпекулираше дека вашата улога како жири во замена за Миланка, е на некој начин компромис за вашиот недостиг во првата сезона. Полесно ли е да се танцува или да се оценува?

ЗАФИРЧЕВ: Полесно е да се оценува иако морам да бидам искрен, за  мене беше вистинско задоволство да се танцува. Јас би сакал пак да бидам дел од танцовите двојки што се натпреваруваат. За жал, тоа не може според правилата на ова шоу веднаш, мора да се направи пауза од 4 сезони. „Танц со ѕвездите“ е надворешен проект, кој е се работи по лиценца.

Мојот ангажман во оваа сезона како дел од жирито е обид на продуцентската екипа да се внесе една новина, малку повеќе динамика и различен пристап во поглед на оценувањето на танцовите двојки што се натпреваруваат. Јас се надевам дека успевам да ги исполнам нивните очекувања.

Поврзани новости