Васил сам си напиша песна со која ќе не претставува на Евровизија!

by fokus

Нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев годинава ќе настапи на музичката манифестација со песната ,,Here I stand” за која текстот и музиката ги напишал самиот, а пак аранжманот и продукцијата се на Борче Кузмановски (клавијатурист на Нокаут) и Давор Јордановски.

Песната ќе се снима во студиото ,,Fames” во Скопје, со симфониски оркестар во живо, додека придружните вокали ќе се снимаат во Чикаго, од страна на поранешни членови на Детскиот Хор на Чикаго, каде струмичанецот членувал како дете.

Ова е втора среќа на Евровизија на Гарванлиев, кој беше избран да не претставува и лани, но поради пандемијата настанот беше откажан.
За песната со која ќе не претстави во Ротердам, Холандија, вели дека е напишана во еден здив и е автобиографска.

-Велат дека секој човек си носи барем една песна во себе, ,,Here I stand” е
мојата песна што едвај чекам да ја запеам на сцена!
Им благодарам на сите кои ме поддржуваат и веруваат во мене – порача музичарот.

Мери Попова од МРТВ и годинава останува шеф на нашата евровизиска делегација.

-И годинава одлучивме да го употребиме јавниот повик, испраќајќи отворена покана до домашните и авторите надвор од земјата да се вклучат во селекцијата на евровизиската песна, како еден од начините да добиеме што пошироко понуда на песни, бидејќи никогаш не знаете кој ја има „вистинската“ песна. Задоволни сме од одзивот на авторите и од квалитетот на преслушаните демо и финални снимки, а тим од музички уредници од Македонската Телевизија и од Македонското Радио се согласи дека „Here I stand“, најмногу им прилега на вокалните способности и уметнички афинитети на Васил. Имајќи ја предвид големината на настанот, за одбраната песна се подготвува комплетен аудио-визуелен концепт, со кој се надевам дека сите ќе се гордееме – вели Попова.

Песната „Here I stand“ со видео запис ќе биде промовирана на почетокот на месец март, а Васил веќе ја снимил и евровизиската разгледница.
Поради актуелната пандемија, организаторите планирале сценарио според кое Евровизија ќе се организира според усвоени протоколи за заштита од Ковид-19, што подразбира настан со присуство на делегациите во Ротердам, но со примена на социјална дистанца, чести тестирања во арената, редуциран капацитет на публика, кој може да се движи од 0% до 80%, во зависност од моменталната состојба и пропишаните закони на локалните власти.

За непречено одвивање на шоуто и во услови на неопходни промени во последен момент, секоја национална телевизија мора да обезбеди претходно снимен настап од својот претставник, кој евентуално ќе се искористи во зависност од потребите на даденото сценарио.

Вики Клинчарова

Поврзани новости