Васил прв пат по триесет години доби награда: Радост и солзи за братот на Гоце Арнаудов

by fokus
Викендов за прв пат, по триесет години активно занимавајќи се со музика, братот на легендарниот Гоце Арнаудов, Васил, доби признание за својата посветеност на музиката и талентот. Третото место на фолк фестот ,,Филиграни 2016“, за песната ,,Волшебна жена“, е неговата прва награда во децениската кариера, но и еден вид на излегување од сенката на помладиот брат, кој што почина пред пет години.

,,Настапот на Васил Арнаудов беше преемотивно доживување за сите во публиката. Кога излезе на сцена и кога почна да пее, сите се наеживме, бидејќи премногу не потсети на Гоце, кој беше редовен учесник на фестивалот, а многумина не успеаја да ги задржат солзите. Посебно неговите колеги, кои што беа блиски со Гоце, но и оние кои што знаеа колку долго Васил се трудеше да и покаже на јавноста дека е квалитетен пејач. Се пролеаа многу солзи додека тој пееше, како да го гледаме и слушаме Гоце, плачевме за изгубениот колега, но и за тагата на неговиот брат“ – ни раскажа Катерина Стојановска Десковска, која што традиционално е водител на манифестацијата.
thumbnail_vasil-arnaudov1
И колегите на пејачот велат дека Васил успеал длабоко да ги трогне, и со лик и со боја на глас потсетувајќи ги на Гоце, кој што настапил на сите изданија на фестивалот во минатото. Посебно ги погодило тоа што кога му била врачена наградата, Васил со солзи во очите признал дека ова му е прва награда во триесетгодишната кариера.

,,Гоце имаше неповторлива харизма, и пејач како него долго нема да се роди на нашите простори. Тој и остави една културна ризница на нашата нација и неговите песни секогаш ќе се пејат. Можеби токму поради таа огромна харизма на Гоце, Васил како негов брат, иако доста талентиран, на некој начин не можеше да излезе од неговата сенка. Но, неговиот настап покажа дека тој е квалитетен музичар кој има што да понуди, а сличноста со Гоце само уште повеќе го направи настапот емотивен“ – велат негови колеги кои што присуствувале на фестивалот.

Инаку, Васил редовно настапува со маестро Ристе Тушевски со акустична група. Пред многу години, го следел Гоце со својата гитара на сите негови настапи во поранешните југословенски републики, а потоа се повлекол и останал да живее во Валандово со семејството. Минатата година пеел на фолк фест ,,Валандово“, но не успеал да влезе во финале, а годинава по предлог на Ристе Тушевски се пријавил на ,,Филиграни“.

Неговиот брат Гоце, кој што по тешко боледување почина пред пет години, зад себе ја остави сопругата Силвија, синот Оскар и ќерката Харита. Пред неколку месеци, Силвија за ,,Фокус“, раскажа дека делото на нејзиниот сопруг како да паѓа во заборав, па таа немала добиено ниту пензија ниту било каква финансиска сигурност, и била принудена да живее на товар на својот син.

Вики Клинчарова

Поврзани новости