Вашето ДНК ја препознава скопската вода, затоа кога одите на друго место водата ви е чудна, вели директорот на Центарот за санитарна контрола

by fokus

Скопјани пијат најубава вода во цела Македонија и втора по квалитет вода во Европа, вели директорот на Центарот за санитарна контрола, Зоран Божиновски.

За време на денешната посета на изворот Рашче, по повод Светскиот ден на водата, Божиновски изјави дека водата која се дистрибуира низ мрежата на ЈП „Водовод и канализација“ е хидрогеолошки феномен, кој е единствен во Европа.

-Водата е идеално балансирана, никогаш незаматена и со константна температура. Планината Жеден е природен филтер на ресурсов. Сета вода од Шара и околните зони се филтрира низ овој масив – рече тој.

Според него нема две исти води во светот.

-Вашето ДНК ја препознава оваа вода како вода за пиење. Затоа кога ќе отидете на друго место не ви е позната водата. ДНК ја препознава оваа вода како ваша храна – додаде Божиновски.

Директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски гарантира дека водата за пиење во Скопје е со висок квалитет. Како што изјави тој 8 проценти од цевките на водоводната мрежа се азбестни, но уверува дека тоа не може да им наштети на граѓаните.

-Аазбестна цевка не е цевката што го снабдува градот. Кога имате дефект на таа цевка во моментот кога ја сечете, кога го поправате дефектот, прашината што излегува од таа цевка, таа е проблематична. Цевката сама по себе не претставува проблем – вели Весковски, кој додава дека се работи на промена на азбестните цевки во дел од Ченто и во Драчево.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, сподели куриозитет со јавноста, дека водата што ја пијат скопјани е стара 30 години.

-Токлку е потребно низ природните филтри водата да помине од Шар планина, преку Полог и Жеден. Водата за пиење во Виена, пак, е стара 100 години. Скопје и Виена се единствени градови во Европа кои го имаат овој геолшки феномен – рече Шилегов.

Инаку, според обемни испитувања за утврдување на потеклото на водата во изворот Рашче, утврдено е дека 70% од водата потекнува од Шар планина, 20% од Жеден и 10% од реката Вардар.

Поврзани новости