Вардар против Кил во Скопје пред 5.500 навивачи

by fokus

Европскиот шампион Вардар денеска од 17 и 30 часот во Скопје го пречекува германски Кил во дерби средбата од 4. коло на Лигата на шампионите.

Денеска на терен ќе излезат две екипи што заедно имаат освоено пет шампионски титули. Вардар двапати беше првак на Европа последниве три години, додека германскиот тим трипати беше европски првак во периодот од 2006/2007 до 2011/2012 сезона.

Средбата ќе се игра пред распродадената сала во СЦ „Јане Сандански” каде ќе има над 5.500 навивачи кои ќе го бодрат Вардар кон четвртиот триумф сезонава во во најпрестижното ракометно натпреварување.

Вардар и Кил досега шестпати играле меѓусебе во ЕХФ лигата на шампионите. „Црвено-црните“ двапати победиле, последен пат лани во четвртфиналето. Со Германците играа и на Суперглоуб сезонава и тогаш во полуфиналето загубија со 30-34.

– Ова е многу важен натпревар за нас и на некој начин ова е меч на сезоната за нас. Ние одигравме многу тешка средба на гостувањето кај Монпелје, но тоа беше старт на сезоната. Сега го играме првиот тежок натпревар на домашен терен. Кил е многу добра екипа и голем клуб, која игра одличен ракомет. После Супер глоуб турнирот Кил ја крена формата. Сепак, ние играме во Скопје и очекуваме многу пред нашите навивачи, изјави тренерот на Вардар, Давид Писонеро на пресот пред мечот .

И за оваа средба во составот нема да бидат Стојанче Стоилов и Жозе Толедо поради повреда. Кристијан Дисингер имал мала настинка, но тој секако ќе биде подготвен за саботниот меч.

Крилото Тимур Дибиров изјави дека македонскит тим е подготвен за дуелот, во кој може да се очекува сè.

„Повеќе се плашам кога играме со екипи на пониско ниво бидејќи тогаш има нешто што недостига и има работи кои може да не ги направиме. Може да недостига мотивација на пример. Сепак, кога доаѓа екипа како што е Кил тогаш сме среќни и има право да излезам со такво расположение. Во ваков меч може да се случи сè. Ние сме подотвени, а на Кил останува да покажат кои се. Ние знаеме кои сме и знам дека ова ќе биде уживање за сите навивачи и професионалци во нашиот спорт, како и за сите експерти. Возбудени сме и очекуваме на овој натпревар да покажеме кој е кој на терените, изјави Русинот. МИА

Поврзани новости