Вангеловски и Караџовски во гевгелискиот суд, испитуваат како е даден налогот за претрес кај Панчевски

by fokus

Судскиот совет денеска изврши контрола во гевгелискиот суд, односно ја преиспитувале одлуката на судија од овој суд кој и даде налог за претрес на Катица Јанева за канцеларијата и домот на судијата Владимир Панчевски. 

Како претставници на Судскиот совет контролата ја вршеле претседателот на Советот, Зоран Караџовски и Јово Вангеловски, но како што дознава „Фокус“, Вангеловски бил во улога на член на советот, а не од функција на претседател на Врховниот суд.

Специјалната јавна обвинителка Јанева точно пред една недела изврши претрес во канцеларијата и домот на екс претседателот на Кривичниот суд, Панчевски, но и во домовите на уште двајца вработени во судот. Наредбата за претресот беше потпишана од судија од гевгелискиот суд, а Панчевски реагираше дека тоа е незаконско, бидејќи според него доколу СЈО сакало да го прескокне Кривичниот суд, тогаш морале да се обратат до Апелациониот суд. Од СЈО пак посочија дека наредбата е законска, повикувајќи се на судска пракса во Македонија но и во Судот за човекови права во Стразбур.

Како што истакна обвинителката, Панчевски е осомничен за злоупотреба на службената положба, оддавање на службена тајна и помагање во извршување на кривично дело.

В.В.

Поврзани новости