Вангелов: Заблудата е во тоа што Македонија никогаш не го дефинирала поимот Македонец како поим за припадност кон државата туку само како етноним

by fokus

Reductio ad absurdum

Една од потписничките на фамозното двестеинтелектуално писмо, меѓу другото вели дека гледа процес на “понатамошна етнизација/етнократија; јакнење на етносот, наместо на демосот и закана од општествена дезинтеграција; етатизација и слабеење на автентичното цивилно општество; континуитет на партизацијата на државата и конзулство; репартизација, наместо департизација на администрацијата…”

Од сево изложено можеби проблемот за репартизација наместо департизација е проблем кој треба најсериозно да се третира.

Но другото е контрадикторно на повеќе нивоа. Потписничката истото го зборува речиси цела кариера и тоа стана една здодевна мантра, бидејќи фактички нема што да каже и нема вистинска анализа на внатрешен план.

Никогаш не објаснува што подразбира под етнизација/етнократија и јакнење на етносот наместо на демосот. Како се случува тоа? Ако се дава дефиниција за нешто, мора да се дадат некакви емпириски согледувања. Претпоставувам тука се мисли на процесите од Охридскиот договор. Но, ако се расчлени значењето етнизација/етнократија, ќе треба да го подразбереме следново: со гарантирањето одредени колективни права на малцинската етничка заедница, со воведувањето квоти, двојно мнозинство, двојазичност и така натаму, се одвива процес на етнизација и владее етнократија. Но, ајде да ја поставиме тезата обратно. Логички произлегува дека доколку не се одвива тој процес, тогаш ќе го зајакнеме демосот во Македонија, односно ќе градиме граѓанска нација, не етничка. Заблудата е во тоа што Македонија никогаш не го дефинирала поимот Македонец како поим за припадност кон државата туку само како етноним. И оттука, создавање демос би значело дека малцинската етничка заедница треба да се приспособи кон мнозинската и да го прифати нејзиниот етнос (јазик и припадност) за да направиме демос. Односно, нешто слично на француската нација која нели е “граѓанска нација”.

Тоа нема никаква врска со реалноста не само во Македонија туку и во најголем дел од Европа. Мајоризацијата врз малцинската етничка заедница нема да создаде демос туку само ќе го продлабочи конфликтот. Демос во Македонија е можен само ако се заснова на еднакви права и можности, но не само индивидуални туку и групни. Не може да се очекува дека 25% од една добро изградена етнолингивстичка заедница ќе се интегрира во државата преку културна асимилација. Рамноправноста се постигнува со добивање еднакви групни права, кога државата се чувствува целосно како своја. Тогаш може да почне конструкција на македонска граѓанска нација. Значи јас би го тврдел спротивното, процесите со подигнатите јазични, културни и образовни права на малцинската етничка заедница може да биде почеток на подолготраен процес на создавање нација-демос во Македонија, а не нација-етнос.

Инаку сосем депласирано звучи тезата дека владее етнократија само затоа што 25% од населението добива еднакви јазични права како 67% од населението (а бидејќи не се наведуваат примери, а постојано се алудира на етнизација, јасно е на што мисли авторката), а не е етнизација ако се наложува демос на малцинската етничка заедница преку асимилација во мнозинската. Всушност, таквата дефиниција останува само една гола фраза која служи за популистички цели, а не е изведена врз основа на научни/емпириски социолошки анализи. Дефиницијата е reductio ad absurdum.

Огнен Вангелов, моментално на докторски студии на Квинс универзитетот во Канада

Поврзани новости