Валандово плачеше и пееше со Благица Калева: Страшни бури дојдоа, од корен ме сотреа

by fokus

Фолк пејачката Благица Калева победи на 33 – то издание на македонски новосоздадени песни, фолк фест Валандово со песната ,,Горда мајка’’.
Со многу емоции таа ја отпеа песната посветена на нејзината ќерка Марија, за која текстот го напиша Ице Беличев, музиката Горан Тодоровски, а аранжманот е на Дејан Миленковски. Додека Благица ја изведуваше песната, Марија се качи на сцената и се прегрна со својата мајка.

-Таа е мојот живот, таа ќе биде мојата светлина во животот – порача Благица, по што се обиде да ги скрие солзите. И присутните во салата емотивно реагираа на тој момент и со солзи во очите аплаудираа. Никој не остана рамнодушен на нејзиниот настап и Калева, која и во минатото има победувано и освојувано награди на фестивалот, уште еднаш покажа дека владее на сцената во својот роден град.

-Страшни бури дојдоа, од корен ме сотреа, горки солзи проголтав, животот го прегрнав. Жена сум, а силна сум, што сум мајка горда сум, посилна од темнина, ти си моја светлина – пееше Калева, покажувајќи кон својата ќерка.
Благица која по потекло е од Валандово, а живее во Струмица е синоним за мајка – храброст. По семејната трагедија пред околу 16 години, кога во сообраќајна несреќа ги изгуби ќерката Викторија и сопругот Костадин, собра сили и продолжи понатаму со животот. Се посвети на ќерката Марија, која денес е веќе млада жена, и се врати на музиката.

Двете живеат заедно во Струмица, а Марија е професор по англиски јазик и сопственик на едукативниот центар ,,Академика’’. Лани, во интервју за ,,Фокус’’ Благица раскажа дека е горда што ја израснала својата ќерка во одговорна и прекрасна млада жена, покрај се што им се случило во животот.

-Таа е мојот мотив да продолжам понатаму, да бидам корисна во ова општество, да продолжам со тоа што отсекогаш сум умеела да го правам – да продолжам со песната – ни изјави тогаш гордата мајка.

Наградата од 1.500 евра и статуетката Златна калинка на Калева и ја врачи градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов. Второто место го освои Филип Божиновски со песната ,,Умирам по тебе’’ а третото место му припадна на Благоја Грујовски за песната ,,За нас’’.

 

Вики Клинчарова

Поврзани новости