„Валандово” и Мишко Крстевски покажаа дека скромноста и квалитетот не излегуваат од мода!

by Fokus

Фолк пејачот Мишко Крстевски е победник на 36-то издание на фестивалот на новокомпонирани народни песни „Валандово 2023,” со песната „Ема убава”, а неговиот успех на синоќешната манифестација помина со илјадници честитки на социјалните мрежи, и пораки дека наградата заминала во вистински раце.

Во земјава, па и насекаде во светот, многу често по завршувањето на некој културно-забавен натпревар, уште веднаш се започнува со дискусии и превирања дали победникот ја заслужил освоената награда, што во случајов со „Валандово” изостана, како ретко кога, и може да сретнат само позитивни реакции и одобрување за изборот.

Крстевски, кој на сцената е присутен повеќе од три децении, по потекло е од Неготино. Во родниот град секогаш бил познат како вљубеник во музиката, кој започнал со настапи уште додека бил тинејџер. Своевремено, кога биле доста популарни серенадите, Мишко со својата гитара бил неизоставен дел од нив. Членувал во повеќе локални групи, а потоа започна соло кариера и ја освои публиката со својата скромност и пеењето од душа.

Неговата мајка почина млада, додека тој уште беше тинејџер. Во тоа време, неговите две сестри веќе имаа оформено свои семејства, па тој растеше покрај татко му Кирил. Уште од тогаш беше познат помеѓу сограѓаните по својата љубов кон музиката, како момчето кое не се делеше од својата гитара.

На фолк фестивалот Валандово има учествувано многупати во минатото, има богата авторска ризница зад себе, а пред околу 20 години се пресели во Скопје со семејството, каде има чести настапи во локали.

Тој е семеен човек, во брак со неготинката Сунчица со која ги имаат синовите Кирил и Никола, а од пред неколку години е и дедо.

Отсекогаш важел за пејач кој не сака да се експонира, и за сите години поминати на сцената зад него нема бомбастични наслови во медиумите.

Токму поради тој скромен и смирен начин на кој владее на сцената, неговата победа на „Валандово 2023” помина со одобрување и искрени честитки од широката јавност, па чест коментар кој може да се прочита на социјалните мрежи е дека квалитетот и скромноста не излегуваат од мода, а првото место на фестивалот заминало во вистински раце.

Во време кога генерациите растат со турбо фолк и кич музика, со реални шоу програми каде изостанува моралот и се промовираат безвредни содржини, годинашното фестивалско издание покажа дека сепак, народот е желен за вистински вредности.

Огромен број на честитки за победата Крстевски доби и од неготинци, кои за него секогаш кажуваат дека е „Наше дете”. Тој пак, на родниот град пред повеќе години му ја посвети авторската песна „Неготино”, која е еден вид на неофицијална химна на општината.

Вики Клинчарова

Поврзани новости