Валандово Фест со докажани имиња и две песни од починатиот композитор Милан Завков!

by fokus

Дваесет новокомпонирани македонски фолк песни ќе бидат отпеани на 36-то издание на реномираниот фестивал Валандово 2023, кој ќе се одржи на 28 мај. Пред тоа, најавени се две предфестивалски вечери на градскиот плоштад во Валандово, со многу музички гости.

Фестивалот, кој датира уште од времето на Југославија, и кој беше синоним за квалитетни песни кои остануваат да траат, своевремено привлекуваше музички имиња од повеќето поранешни Југословенски републики. Младите македонски пејачи пак, го гледаа како отскочна даска во кариерата и им беше гордост да учествуваат.

Последните години Валандово Фест го враќа стариот сјај, и на претстојното издание се најавени познати музички имиња од фолк сцената.

Нино Величковски, Ефто Пупиновски, Ибуш Ибраимовски, Душко Георгиевски, Мишко Крстевски, Јасмина Гуњова, Анастасија Петреска, Перо Христов, Ивана Серафимовска, Андријана Ацевска се дел од најавените изведувачи.

Кога се во прашање авторските тимови, застапени се повеќе имиња на докажани автори – браќата Барабаровски, Љупчо Трајковски Фис, Борче Нечовски, Огнен Неделковски, Демир Имери, Тодор Завков, а ќе се отпеат две песни со музика и аранжман на починатиот композитор Милан Завков. Станува збор за песните ,,Доста е веќе” во изведба на Емилија Иванова и ,,Дајте песна некоја” во изведба на Душко Георгиевски.

Исто така, на ревијалниот дел од натпреварувачката вечер, фестивалскиот оркестар ќе настапи со музика и во чест на починатиот бард на македонската фолк музика, Милан Завков.

Вики Клинчарова

Поврзани новости