Вакво непочитување на мерки во Дојран никогаш не ни се случило, градоначалникот со помош на радари и Гранична полиција се справува со несовесните посетители

by fokus

Ни се случува максимално непочитување на мерките, ова е нешто невидено досега во Дојран, откако вчера во градот дојдоа околу 15.000 посетители. Вклучена е Граничната полиција, се казнуваат луѓето кои ги има во поголеми групи, без маски, не се држи растојание – за ,,Фокус” раскажува Анго Ангов, градоначалникот на Општина Дојран.

Продолжениот полициски час за време на викендот во Скопје беше причина голем број од граѓаните да заминат од своите домови и да се сместат во Дојран, каде полицискиот час започнува од 16 часот. Слободното време речиси сите посетители го користат за прошетки низ општината, покрај езерото или пак во угостителските локали.

Однесување како да нема пандемија, како е да е најобичен викенд, без одговорност дека секоја дружба е потенцијален пренос на заразата со Ковид-19, е сликата од Дојран денес.

Според локалното население, посетителите буквално го окупирале градот. Прашуваат дали сега тие, дојранчани, треба да се затворат дома, додека гостите ги игнорираат мерките за заштита и слободно, голем дел од нив без заштитни маски и во групи се шетаат низ општината.

-Ако ова не е бегство од полициски час, тогаш што е? Доволно е еден или двајца од посетителите да се позитивни на вирусот, па сите да ја платиме сметката. По недела, две, ќе го видиме резултатот – велат револтирани жители на Дојран.

Градоначалникот Ангов апелира до сите посетители да бидат совесни и одговорни. Вели дека во тек на утрешниот ден општината ќе вклучи и радари, кои ќе ги растеруваат групираните гости.

-Ретко се шетаат по две лица, се се тоа поголеми групи, не сфаќам како си дозволуваат без маски, да ги загрозуваат сите околу себе. Дури и во езерото се капат. Полицијата има доста работа, се уште немам точна евиденција колку лица се казнети, ама очигледно дека тоа е единствениот начин да се создаде ред и да се почитуваат мерките. Ги замолувам сите гости да бидат одговорни, кога веќе решиле овде да го поминат викендот, мора да покажат одговорност за здравјето на заедницата. Не знам како ќе заврши ова, жителите стравуваат дека ќе се прошири вирусот и овде – вели градоначалникот.

Потсетува дека и сите оние кои понудиле сместувачки капацитети мора да ги запазат мерките пропишани за време на епидемија.

Според информација од наплатните рампи на патарините, вчера од Скопје кон Велес поминале над 4.500 возила. На бензинските станици во Неготино, во попладневните часови изобилуваше од возила со скопски регистарски таблици. Многу од патниците, кои тргнале кон Дојран групно, со повеќе возила, одмораа на паркинзите на бензинските станици и се разладуваа со сладолед и ладни пијалоци.
Иако групирани, ретко кај ретко кој од нив можеше да се забележи носење на заштитна маска.

-Во Дојран тргнавме, кој ќе издржи затворен дома три дена, не се доседува – ни раскажаа дел од нив.

И во Охрид е слична состојбата, со големиот број на посетители. Од Скопје во тек на вчерашниот ден излегле околу 20.000 возила.

Охриѓани објавуваат на социјалните мрежи фотографии на кои се гледаат колоните на возила, апелирајќи – Доста е, нема кај да ве сместиме!

Вики Клинчарова

Поврзани новости