ВАКЦИНИ, ФРИЖИДЕРИ И ПОЕНИ

by fokus

Нам ни дојдоа два фрижидери наменети за вакцините. Од Владата излегоа да ги пречекаат, ги покажаа пред камерите, небаре на земјата ѝ дошол спасот. А што имаше во тие фрижидери? Ништо!

Пишува: Арбен ТАРАВАРИ

Во модерната историја никогаш толку нетрпеливо не се чекало за вакцина како што е за онаа со која ќе се постигне имунизација на луѓето на Ковид-19. Хаосот настапи на сцена. Од една страна, оптимистички изјави, а, од друга страна загрижувачки и лоши прогнози за наредните месеци.

Во меѓувреме, инфекциите не стивнуваат. На него се подложни и млади и повозрасни. Секој од нас се прашува/л кога ќе му се случи и нему. Сме се соочиле и со разорната моќ на вирусот, на последиците што ги остава. Стравот од него владее на планетарно ниво!

ФАТАМОРГАНА

На наш терен, во нашата држава, пандемијата дополнително го влоши животот на народот. Сиромаштија, губење работни места, губење приходи, отежнати услови за работа, секојдневна закана од вирусот, губење луѓе, губење надеж, анксиозност до невидени нивоа. Нешто од што долго ќе се чувствуваат последиците.

Единственото нешто на коешто силно се надеваме е што побрзото доаѓање на вакцината. Арно ама, тоа сè уште ни е фатаморгана. Дезориентираност и лошо управување со нејзината дистрибуција. Некои држави се поставија во мегаломанска позиција, размислувајќи само за своето добро.

После оваа нерамнотежа, којашто значеше загуба на многу човечки животи и големи финансиски трошоци, започна некаква си дистрибуција и вакцинација во многу држави, не само во оние помоќните држави, туку и во помалите, ослабени од историјата и сиромаштијата. Секако, благодарение на алтруистичкиот дух на некои од големите сили.

Нам ни дојдоа два фрижидери наменети за вакцините. Од Владата излегоа да ги пречекаат, ги покажаа пред камерите, небаре на земјата ѝ дошол спасот. А што имаше во тие фрижидери? Ништо! Празни се.

„СНЕЖАНА И СЕДУМТЕ ЏУЏИЊА“

Министерот, одвреме навреме, изјавува дека е прашање на денови кога ќе се наполнат фрижидерите. Има и една министерка која вели да почекаме да видиме што ќе се случи со вакцинацијата во светот, нека ја тестираат прво Американците, Швеѓаните, Италијанците, Англичаните … па, после да видиме што ќе правиме ние. Та, не е ова „Снежана и седумте џуџиња“ и кој прв ќе касне од „отровното јаболко“. Ниту, пак, сме инфантилни до степен да ја прифатиме ваква „Снежо-псевдо-(иде)ологија“.

Деновиве се очекува 200 илјади дози да ги наполнат фрижидерите. Ајде, да се надеваме дека ќе е така и дека полиците нема долго да ни зјаат празни. Да се надеваме дека вакцинацијата нема да се случи за време на изборните средби и да служи како адут в рака за собирање политички поени. Оти кај нас токму така оди „поентирањето“.

А тие што седнале на фотелјите не смеат да зборават сите ние не сме бесмртни. Како рекле Римјаните „Omnes una manet nox“ … сите нè очекува истата ноќ, без исклучок.

Поврзани новости