Вакцинацијата во Хрватска почнува вo недела

by Fokus

Со владиниот план за вакцинација, кој беше усвоен вчера, се предвидува вакцинацијата да се спроведува во сите окрузи истовремено, а први во редот ќе бидат корисниците на домовите за стари лица и медицинските работници.

Целта е да се вакцинираат најмалку 70 проценти од граѓаните, а досега се обезбедени скоро шест милиони дози од вакцината, изјави Пленковиќ пред новинарите.

Вакцинацијата ќе почне со вакцината од производителот Фајзер/Бионтек, чии први 9.750 дози ќе пристигнат во Хрватска в сабота.

-Сакаме што повеќе граѓани да се вакцинираат. Пред нас е аргументирана расправа што повеќе луѓе да одлучат да се вакцинираат, рече премиерот, додавајќи дека вакцината е бесплатна и доброволна.

Посочувајќи дека експертите наведуваат дека за успех на вакцинирањето треба да се вакцинираат најмалку 70% од населението, премиерот најави почеток на кампањата „Мисли на другите: вакцинирај се“.

Пленковиќ потсети дека еден милион дози од вакцината биле нарачани од Фајзер и Бионтек, 2,7 милиони од Астра Зенека, 900.000 дози од Џонсон& Џонсон, еден милион дози од Модерна и 300.000 од Кјурвак.

Директорот на Институтот за јавно здравје, Крунослав Цапак, рече дека по сабота, кога пристигнуваат 9.750 дози од вакцината на Фајзер, в понеделник пристигнува нов контингент, а потоа сѐ повеќе и повеќе количества секоја недела.

Тој прецизираше дека првите вакцини ќе се користат за вакцинирање на здравствените работници што работат со пациенти со коронавирусот и корисниците на домовите за стари лица, а во втората фаза на ред се и други лица постари од 65 и постари хронични пациенти.

Поврзани новости