Вакцина-туризам – Италијанска агенција нуди аранжмани за вакцинација во Србија

by fokus

Туристичка агенција од Болоња, Италија, нуди пакет аранжман за сите Италијанци кои сакаат да се вакцинираат во Србија против Ковид-19, пишува италијанскиот весник Кориера дела Сера.

Сопственикот на агенцијата, Умберто Салвадори самиот го тестирал системот, избрал вакцина, а откако ја примил во Белград, неговата агенција понудила аранжман од четири дена. Единствен услов за патување е лицето да има потврда дека е регистрирано за вакцинација.

Агенцијата обезбедила локални водичи и преведувачи, сместување во хотели, а кој сака и туристичка тура во Белград. Цената на четиридневниот аранжман за две лица е 500 евра, а во цената е вклучен и превозот со авион или автомобилот како и ковид-тестот пред влез во Србија.

Исто така агенцијата планира и вакви патувања и во помали места во Србија, тврди сопственикот на агенцијата, каде има помалку гужва пред вакциналните центри. Тој тврди дека интересирањето е огромно, дека нивните телефони непрестано ѕвонат, дека се заинтересирани и компании, мали и средни, коишто сакаат да организираат имунизација за вработените, како дел од заштитата на работа.

Поврзани новости