В недела марш против говорот на омраза

by fokus
 
В недела, од дванаесет до два часот ќе се одржи осмиот по ред ,,Марш на толеранација“, посветен на борбата против говорот на омраза, а организиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ.
 
,,Политичката состојба во која се наоѓа македонското општество, особено последната деценија, предизвика многу негативни и насилни трендови кои се во спротивен правец на заштитата, гаранцијата и остварувањето на човековите права и слободи. Овие негативни трендови се однесуваат и на влошувањето на општествените, социо-културните, економските и политичките позиции на одредени групи и поединци во македонското општество, кои се ранливи и на маргините на општествената функционалност. Наспроти таквата ризична динамика за сиромашните, Ромите, ЛГБТИ, луѓето со попреченост, бегалците, припадниците на помалобројните етнички заедници, постојано се искористувани за политичките секојдневни судири и се жртви на истите, при што принципот на еднаквост на сите граѓани на Република Македонија повеќе не е валиден и уставно загарантиран принцип“, вели Хелсиншкиот комитет.
 
Тоа, како што велат, подразбира дека припадниците на овие ранливи и маргинализирани групи, постојано се изложени на насилство, кон нив е користен говор на омраза и тие се цел на дела од омраза. Оттука, со тоа што нивните фундаментални карактеристики се нападнати токму преку овие негативни трендови – на говор на омраза и дела од омраза – од овие групи и поединци се прават места на повреда, и некои идентитети се вреднуваат повеќе од некои други идентитети.

Поттикнати од овие негативни трендови и потребата од промена на јавниот сервис и јавниот дискурс, како и потребата од враќање на принципот на еднаквост, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ по осми пат го организира Маршот на толеранција, посветен на борбата против говорот на омраза“, стои во соопштението на Хелсиншки комитет.

Годинешниот „Марш на толеранција“ е поддржан од Платформата против говор на омраза, од каде се спротивставуваат на културата на неказнивост и ги повикуваат надлежните државни институции: Министерството за внатрешни работи, јавните обвинителства и судовите да преземат итни и неодложни мерки за гонење и санкција на говорот на омраза.
 
Маршот е поддржан од здруженијата кои се дел и од Платформата против говор на омраза:
ЛГБТИ Центар за поддршка, Фондација „Метаморфозис“, „Пактис“, Македонски институт за медиуми“ „Цивил“, Младински образовен форум и „Мултикултура“. Настанот ќе започне пред Музеј на град Скопје – Улица Македонија – плато пред Универзитетот на ЈИЕ.

По завршувањето на Маршот на толеранција, ќе биде промовирана видео-кампањата против говор на омраза со слоган „Омразата е слабост“.
В.К.
 

Поврзани новости