За утре во 12 часот, повторно е најавен нов протест против загадувањето пред главниот влез на фабриката „Железара“, од каде е планирано протестантите да се упатат пред Министерството за животна средина сместено во просториите на Македонската телевизија. Ова ќе биде четврти протест по ред, оганизиран преку социјалните мрежи, на кој жителите од неколку скопски населби ќе излезат масовно, за како што велат, да му кажат стоп на загадувањето што го уништува нивното здравје и здравјето на нивните деца.
Иако пред една недела, беше најавено дека фабриката „Макстил“ во сопственост на бизнисменот Минчо Јорданов ќе ги исклучи погоните на челичарницата на одредено време, тоа не се случи. Жителите обвинуваат дека последните неколку денови е позагадено од било кога и дека фабриката воопшто не прекинала со работа. Тие бараат челичарата да стави еколошки филтри, затоа што густиот чад, димот, прашината и отровните честички стануваат опасни за нивниот живот.
Пред неколку дена, во средата, граѓаните протестираа пред зградата на скопскиот градоначалник Коце Трајановски. Околу 400 демонстранти со гас маски и транспаренти извикуваа „Излези Коце право на тераса“.