Утре промоција на книгата „Мојот професор, пророк“ за Блаже Конески

by fokus

Во амфитеатарот на Филолошкиот факултет утре во 11 часот ќе биде промовирана книгата „Мојот професор, пророк“ од македонската книжевна историчарка и теоретичарка, Вера Стојчевска Антиќ. Книгата е посветена на Блаже Конески, каде авторката го опишува нејзиниот однос со него, како и нејзин коментар за некои од песните на Блаже Конески.

-Конески беше мој професор, а потоа станавме колеги. Во книгата има и наши разговори, како и мое видување на некои од неговите дела. Тој е од преголема важност, но неговото дело не е доволно признаено. Затоа и книгата ја завршувам нарекуваќи го „Џинот од Небрегово“, вели професорката Стојчевска Антиќ.

Вера Стојчевска Антиќ научниот век го помина на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, од местото асистент сè до пензионирањето. Таа беше првиот директор на Институтот за македонска литература, во основање. Избрана е за почесен член на Друштвото на писателите на Р. Македонија и е прв член од Македонија во Американската славистичка асоцијација.

Катерина Смилева

Поврзани новости