Утре ќе биде познато дали бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски ќе бидат екстрадирани во Македонија, бидејќи во 10 часот по грчко време, во Солун, треба да продолжи судењето за барањето за екстрадиција.
–На судењето ќе бидат доставени документи од одбраната во поглед на тоа дека барањето за екстрадиција е неосновано, а дали ќе бидат сослушани уште сведоци не знам, изјави за МИА адвокатот на обвинетите, Петар Василев.
Утре, како што рече, треба да биде донесена и одлуката и според грчките закони таа се објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа.
– Ние очекуваме судот да го одбие барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошковски, рече Василев.
Грујевски и Бошковски, кои се обвинети од СЈО за предметот „Тврдина и Таргет“, беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври годинава, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.