Утре ќе бидат откриени музичките гости на Пивофест Прилеп, ќе ги открие ли општината и нивните хонорари?

by fokus

По пауза од две години поради панедмијата со корона вирус, годинава од 14-ти до 16-ти јули ќе се одржи туристичката манифестација Пивофест 2022 во Прилеп.

Настанот се одржува во центарот на градот, и во минатото имаше 17 изданија, кои привлекоа голем број на посетители, љубители на пивото, скарата и музичките концерти на популарни домашни и регионални пејачи.

Последниот пат кога се одржа Пивофест, во 2019 година, музички ѕвезди беа Цеца Ражнатовиќ, Данијела Мартиновиќ, Влатко Стефановски Трио, ,,Нокаут”, ,,Галија”, Миле Кузмановски, Ален Хасановиќ, ,,Фрајле”, Ивана Негатив, дуото Селимова – Желчевски…

Околу тоа кои ќе бидат музичките гости на Пивофест годинава, од општината се уште не излегуваат со официјална информација. Се уште нема ниту информација колку средства од општинскиот буџет се одвоени за настанот, односно колку од средствата се од спонзори, и кои се хонорарите кои ќе ги добијат музичките гости.

Како што изјавија за ,,Фокус” организаторите на забавниот дел, целосната листа на изведувачи ќе биде објавена утре, кога комплетно ќе се дефинираат сите детали околу настанот и програмата. Информацијата од јавен карактер, колку изнесуваат хонорарите на музичарите кои ќе бидат ангажирани, не е познато дали ќе биде соопштена од страна на општината.

Во меѓувреме, во одредени портали се објави неофицијална листа со имињата на музичарите кои ќе настапат на фестивалот, и станува збор за претежно македонски поп и фолк пејачи.
Наум Петрески, ДНК, Лозано, Елена Велевска, Елена Петреска, Владо Јаневски се дел од имињата за кои се тврди дека се во игра да настапат на Пивофест 2022.

Вики Клинчарова

Поврзани новости