Уставниот суд нема да расправа за СЈО ни наредната недела

by fokus

Уставниот суд не планира да расправа за иницијативата за уставноста на СЈО ниту на следната седница закажана за во среда.

На агендата за следната недела, на дневен ред повторно ќе биде иницијативата за оценка на уставноста и на законитоста на одлуката за поставување на 55-метарскиот крст во општина Бутел.

Иницијативата за законот за СЈО, поднесена пред осум месеци,  до последен момент се очекуваше да биде разгледувана на вчерашната седница на судот. Од таму велат дека таа, како и сите други иницијативи, е распределена кај судија известител и дека јавноста ќе биде известена кога ќе се најде на дневен ред.

Инаку, едно од клучните барања на Шарената револуција е Уставниот суд да се произнесе за уставноста на СЈО, а рокот кој го поставија истекува за два дена.

Бидејќи уставниот суд и натаму го игнорира ултиматумот, Шарената револуција најави масовни протести во понеделник, бидејќи, како што велат, имаат обврска да го спасат СЈО од прангите на криминалците на власт.

Поврзани новости