Уставни измени

by lali

Владата на Груевски излезе со план за уставни измени. Покрај дефинирањето на бракот и прецизирањето на фискалните правила, предложено е да се пристапи и кон промена на називот на Народна банка на Република Македонија, воведување на институтот Уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, создавање уставна можност за формирање финансиска зона, како и пристапување кон измени на Уставот, со цел дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.

МАКСИМАЛНАТА АРОГАНЦИЈА НА ВЛАСТА

За дел од овие измени власта има оправдување, а дел се максимално несериозни и смешни, но нив ќе ги коментирам во некоја следна колумна. Она што сакам сега да го искоментирам е начинот на кој треба да се усвојат овие измени на Уставот. Додека е опозицијата надвор од Собранието и додека Груевски и Вељановски ја убедуваат да се врати, како што велат „таму каде што ѝ е местото“, ваквиот потег е уште еден доказ за максималната ароганција на власта.

Се сеќавате, кога опозицијата порано го напушташе Собранието, власта тоа го користеше да штанцува законски решенија. Последниот пат таквата постапка беше жестоко осудена од меѓународните претставници во земјата, а Трајко Вељановски дури ја призна грешката и вети дека тоа нема да се повтори.

Сега имаме уште порадикален пример, власта без присуство на опозицијата ќе го менува Уставот. Дека ДПМНЕ нема демократски капацитет, тоа е докажано во илјадници случаи, па би било глупаво од нив да очекуваме разумни чекори во таа насока. И овојпат гледам дека некого го изненадува како во ДУИ лесно му се подаваат на Груевски (и тоа е по којзнае кој пат), па ретерираа во своите барања за промени на Уставот, под изговор дека не сакале да го кочат овој дел од „реформите“.

Секако дека никој разумен не очекува веќе ништо ниту од ДПА, која се однесува како коалициски партнер на ДПМНЕ. Значи, во овој контекст ни останува да ја проследиме реакцијата на странските дипломати во државата за овој арогантен и недемократски потег на власта. Ако жестоко се бунеа дека не треба да се носат закони без присуство на опозицијата, затоа што не е ниту демократски ниту етички, логично е дека за промена на Устав без опозиција треба да има уште пожестока реакција.

Но, од тогаш до денес државава веќе ги има разочарано сите, па очекувам и „странците“ да ја премолчат оваа глупост, а нам да ни потврдат (и ова по којзнае кој пат) дека кренале раце од Македонија. Ова може да се протолкува и како дополнителен притисок кон опозицијата да се врати во Собранието и да се бори со месеци за некаков смешен компромис, кој на крајот сигурно нема да биде испочитуван.

НАДЕЖ ВО ЦВРСТИНАТА И КАРАКТЕРОТ НА ОПОЗИЦИЈАТА

Затоа, се надевам дека опозицијата многу бргу ќе почне да ја освојува улицата и ќе продолжи да ја игнорира власта. Сега треба да покаже цврстина и карактер. А, власта со ваквите потези секако дека ѝ ја олеснува таквата определба на опозицијата.

Од таа гледна точка, јас би ја поздравил глупоста на власта и нејзиниот потег кој го потврдува отсуството на демократија, дури би им дал предлози да го надградат и прошират. Моите предлози се надевам дека ќе бидат дел од уставните амандмани, а сè со цел што побргу да се помине таа транзиција од некогаш демократска земја во земја на една фамилија.

Првиот предлог е Никола Груевски да се избере за доживотен владетел на ова парче земја, а во некој член под тоа да стои дека сите ќе мора да се смееме на лошата смисла за хумор и на очајните обиди да биде духовит пред камерите.

Вториот предлог е неговиот кум Ставрески, без ничие одобрение, да може да нѐ задолжува кога, каде и колку сака. Третиот предлог е Гордана Јанкулоска да може сама да одлучува кој смее да влегува во Собрание, а кој не. Четвртиот предлог е Трајко Вељановски да остане доживотен претседател на Собранието.

Петиот предлог е Мендух Тачи и Али Ахмети секогаш да ги претставуваат правата на Албанците и за нив само тие да се договараат со Мијалков, кој во шестиот предлог би требало исто така да ја зацементира вечната функција.

Власта сонува уставно да си зацементира и конструктивна опозиција, тоа сега-засега се ГРОМ и Позитивна алијанса, но вратите се широко отворени за сите „грешници“, па СДСМ нека се размисли двапати пред да одговори на арогантниот потег на авторитарниот режим!

Поврзани новости