Уставен суд утврди повреда на правата на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, за време на „27 април“

Се работи за предметот во кој подносител е новинарот Стојановски, кој бара да се утврдат повреди на уставно загарантираните слободи и права, кои, според него, се направени со пресуди на Основниот граѓански суд и Апелациониот суд Скопје.

by fokus

Новинарите, кои на 27 април во Собранието беа спречени да ја вршат својата работа, а ја изгубија правната битка пред Граѓанскиот суд и Апелација, сега се на чекор до првата правна победа, по последната одлука на Уставниот суд.

Имено, на седницата која се одржа денеска судијата-известител по предметот 146/2021 побара дополнување на дневниот ред и предложи по овој предмет да се отвори дискусија.

Се работи за предметот во кој подносител е новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, кој бара да се утврдат повреди на уставно загарантираните слободи и права, кои, според него, се направени со пресуди на Основниот граѓански суд и Апелациониот суд Скопје.

Денешното дополнување на судијата-известител содржеше нов предлог, а тоа е Уставниот суд да утврди повреда на слободите и правата на новинарот со конкретните пресуди, бидејќи не ги зеле во предвид директните напади кон него во Собранието на 27.04.2017 година иако како новинар известувал за прашања од јавен интерес (конституирање на ново парламентарно мнозинство) и притоа бил спречен да известува, односно да го оствари своето право на слободно изразување како новинар.

Шестмината судии се услогласиле дека на новинарот му се повредени неговите права.

-Во текот на советувањето и гласањето, судиите го усогласија ставот дека со пресудите е направена повреда на неговите права, велат од Уставниот суд.

Оттаму, сепак, додаваат дека Уставниот суд немал мнозинство гласови за сите точки кои го сочинуваат конечниот предлог, а се однесуваат на правната судбина на двете пресуди, што значи дека овој предмет не е завршен.

Предметот ќе биде повторно ставен на дневен ред на некоја од наредните седници.

Ова значи дека уставните судии не се усогласиле кога на ред дошла точката дали двете пресуди да се поништат, нешто на што инсистира адвокатот Филип Медарски, кој е подносител на барањето за заштитата на слободи и права.

Како што дознаваме, дел од судиите биле на мислење дека Уставниот суд не треба да се впушта понатаму, односно да укинува пресуди. Според нив, и со самата одлука дека на новинарот му биле повредени правата, тој врз основа на Законот за парнична постапка ќе има право да бара повторување на постапката, бидејќи одлуката на Уставен ќе се гледа како нов факт.

Но, постојат сомнежи дека на овој начин, ако работата застане на половина пат, без поништување на претходните две пресуди, новинарот не би добил право на повторување на постапката, бидејќи повредата на правата не би се препознала како нов факт или доказ, потребни за повторување на постапката.

Во ваков случај, според правниците со кои се консултираше „Фокус“, новинарот би бил приморан повторно својата правда да ја бара пред Судот за човекови права во Стразбур.

Во иницијативата на новинарот Стојановски се наведува дека со пресудите на двата суда, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје е повредена уставно гарантираната слобода на изразување и членот 10 од Европската конвенција за човекови права.

Според него, државата преку соодветни државни институции не ја гарантирала неговата безбедност на 27.04.2017 година при извршување на работната задача во Собранието, а двата суда со пресудите не ги зеле предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување и настаните коишто му се случиле, односно директните напади кон него во Собранието, бидејќи како новинар известувал за прашања од јавен интерес (конституирање на ново парламентарно мнозинство).

Граѓанскиот суд го одбил Стојановски со образложение дека членот 10 од ЕКЧП се однесувал на овозможување на секој да го изрази своето мислење во секојдневното живеење, а не во услови кога се случуваат акти на насилство како што бил настанот на 27.04.2017 година.

Тој смета дека судовите и пресудите во кои се одбива неговото барање не ги земале предвид директните напади кон него кои му се случиле критичниот момент.

Валентина Вурмо

Поврзани новости