Уставен суд го укина нормираниот учинок од Законот за минимална плата

by fokus

Уставниот суд донесе одлука да се укине членот 2 став 1 од Законот за минимална плата во делот со кој се одредува нормираниот учинок како услов за исплаќање на минималната плата.

Освен тоа со одлуката на Уставниот суд се укинуваат и членовите 2, 3 и 4, како и членот 7 б став 1 и 3, кои беа донесени со измените предложени од Министерството за труд и социјална политика на Мила Царовска, кои влегоа на сила лани во септември.

Иницијатива за оспорување на овие члена беше поднесена од Сојузот на синдикати на Македонија и од партијата Левица.

„Според Судот нејасно и непрецизно е регулирано во однос на тоа каква е формата и видот на соработката што работодавачот при утврдувањето на нормираниот учинок ќе ја остварел со работниците и дали таа соработка воопшто има влијание во однос на законското овластување на работодавачот да го утврдува нормираниот учинок. Од друга страна спорно е и во однос на тоа дека со условот за исполнет нормиран учинок утврден од работодавачот се доведува во прашање остварувањето на минималната плата на работникот“, стои во одлуката на Уставен.

Судот ја донел оваа одлука со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

 

Поврзани новости