УСТАВЕН ИЗМЕТ

by fokus

Кој зголемен ризик го имаат одлепените од реалност во шугаво-барокна зграда?! Сослушуваат странки, криминалци? Одредуваат притвори? Гонат опасни организирани групи? Море сте нашле село без кучиња, па ќе јавате, ако сте вие судии, јас сум Тома Фила лично!

Јанаки МИТРОВСКИ

Сакав оваа колумна да ја посветам или на фактот што премиерот, министерот за правда и министерот за здравство ја игнорираат БИЛКА веќе три недели, и покрај декларативните заложби за декриминализација на канабис, или на институтот res judicata, кога во пет до дванаесет прочитав дека уставните судии, повикувајќи се, внимавајте на Деловникот, си ги зголемиле платите за 35 отсто поради зголемен ризик и доверливост на работното место.

Ваквата опција постои, на истата се повикуваа и скопските пожарникари кога протестираа за висината на своите плати до 19.000 денари, мизерна во однос на работата што ја извршуваат и ризикот што го преземаат.

СЕРВИЛНОСТА НА УСТАВНИОТ СУД

Самиот назив е поприлично јасен и за лаици. Додаток поради зголемен ризик и доверливост, не поголем од 35 отсто од основната плата. Ако е познато дека платата на уставните судии е највисока судиска плата во државава заедно со онаа на судиите од вишиот Управен суд и се движи околу 110.000 денари, простата математика вели дека ова ќе значи зголемување за шестотини евра по судија. А, да беа заработени, или законски, алал да им е!

Сите сме свесни за политизираноста и сервилноста на Уставниот суд, кој одамна го срами името што го носи. Тоа е истиот Уставен суд, кој сметаше дека амнестија на воени злосторства не е незаконита и неуставна, иако е строго прохибирана согласно домицилните закони и меѓународни конвенции. Тоа е истиот оној Уставен суд кој не може по три години да одлучи за иницијативи, ама експресно брзо, во денови броено одлучи кога се работеше за нивните плати.

Но, главниот проблем е во самиот додаток. Истиот е предвиден за работни места кои подразбираат трпење на поголем ризик од нормалното и ниво на доверливост поголемо од нормалното. Во сродните професии такви додатоци добиваат обвинителите, а треба да добиваат и дел од судиите, особено оние од организиран криминал и судии на претходна постапка, кои одлучуваат по притворски предмети.

СО ДЕЛОВНИК СИ ДОДЕЛИЛЕ ПОВИСОКИ ПЛАТИ

Дополнителен спорен момент е што со Деловникот на Уставниот суд си доделуваат надоместоци на плата, иако е тоа процесен документ, т.е. акт со кој се пропишува процедурата пред Уставниот суд. Впрочем, тоа е наведено и во самиот член еден од Деловникот каде што прецизно стои дека со деловникот се уредуваат начинот на работа и постапката пред Уставниот суд на Република Македонија. И тука состојбата е кристално јасна.

Кој зголемен ризик го имаат одлепените од реалност во шугаво-барокната зграда?! Сослушуваат странки, криминалци? Одредуваат притвори? Гонат опасни организирани групи? Дежураат? Работат сабота и недела како колегите обвинители и судии на претходна постапка кои дежураат? Примаат закани? Малтене немаат допир со јавност, едно време истата беше тотално исклучена од седниците. Море сте нашле село без кучиња па ќе јавате, ако сте вие судии, јас сум Тома Фила лично!
На ваквиот мој јавно искажан став на социјалните мрежи каде употребив уличен жаргон на зборот измет, реагираше мојот ценет професор Тони Дескоски, сметајќи дека пораката ќе биде многу посилна ако е со воздржан коментар. Иако ми предаваше предмет од кој ден денеска ми се превртува во стомак, профа од секогаш сум го ценел, па морав да му посочам дека воспитниот процес одамна ми завршил, а и дека личниот интегритет не ми дозволува да премолчувам бљувотини. Лајното е лајно, ако го наречеме измет, нема помалку да смрди!!!

Поврзани новости