Усравен суд

by Fokus

Трагедијата е што ова што го говорам кај нас се поима како нормално. Па нормално е партија да те вработи, па нормално е партија да ти помогне за факултет, па нормално е за судија да те изберат од тефтерот на МВР, и така нормално сме пред бездна.

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

Уставниот суд на Република Македонија е подолго време десеткуван, пред се поради партиско политички препукувања, поради што Уставниот суд е на шкрги и работи со само пет судии што е апсолутен минимум. И кога конечно после година дена повторно изборот на судиите се откочи, на виделина по кој знае кој пат излезе длабоката партизираност на судот од страна на политиката.

Кандидатите формално( е ај да не) ги исполнуваат условите, но нивните партиско политички симпатии за жал се неспорни. И проф. Родна и проф. Саво ми предаваа на факултет, и немам забелешки во тој дел, сосем солидни професори, но нивната блискост со ДПМНЕ е неспорна.

Не ги познавам Витларов и останатите кандидати, сем што за мене беше лично разочарување кандидатурата на колегата Воислав Димовски од страна на ДПМНЕ. Легитимни се/беа сите критики на колегата Димовски за состојбите во обвинителството и генерално праввосудство, но сите тие критики паѓаат во вода со кандидатура од партија која не може да се пофали на таа тема.

И ако повеќето од кандидатите се познати на јавноста, бевме изненадени од кандидатурата на Татјана Васиќ- Бојаџиева. Државен советник во министерството за здравство, кој сем што ги исполнува формалните услови, не знам по кој критериум е “истакнат правник”. А и зашто би знаел, оваа кованица е НЕПОСТОЕЧКА.

ТАТЈАНА ВАСИЌ НЕ ВИДЕЛА СУД СО ОЧИ

Знае ли некој да ми објасни што е тоа истакнат правник, во услови кога Васиќ Бојаџиева се смета за истакнат правник? Не видела суд со очи, не напишала пресуда, не жалела пресуда, не застапувала обвинение, не е даскал, на интернет не можев да најдам ниту еден единствен нејзин труд посветен на правото, колумна, напис, ништо НУЛА!

И наместо ова жестоко да го таргетира, ДПМНЕ оди се благи критики, а и разбирливо со оглед на фактот дека кариерата и почна со Никола Тодоров во здравство. Едноставно миленик на сите режими. И како таков, не можеме да очекуваме ништо сем  гола партизација и апсолутно полтронство во Уставниот суд во мандат од девет години и убава плата од над 140. 000 денари. Со овој избор СДСМ целосно ќе го завладее Уставниот суд, кој до пред три години беше под апсолутна контрола на ДПМНЕ.

Трагедијата е што ова што го говорам кај нас се поима како нормално. Па нормално е партија да те вработи, па нормално е партија да ти помогне за факултет, па нормално е за судија да те изберат од тефтерот на МВР, и така нормално сме пред бездна.

Амбасадата на САД донирала милиони на тема судство, ама сем реновирано судници аир не видовме, нити ќе видиме. Не се слепи во амбасада да не знаат како системот функционира, но очигледно кадри како госпоѓата за се, се пожелни и посакувани и од нашите властодршци, и од дипломатскиот кор. Оти се послушни.

Одамна во колумна не сум ја спомнал покојната ми мајка која коските си ги остави за адвокатурата и правосудството и важеше за адвокат кој не трпи лажни авторитети излезени од бог знае кој тефтер. Често знаеше да рече, ве жалам синко, ние пак видовме суд, за Вас ми се плаче!

 

Поврзани новости