Условите за работа на новинарите се далеку под нивото, рече министерот Поповски

by fokus

Владата никогаш нема да се меша во работата на медиумите, порача денеска министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на прес конференција по повод Денот на слободата на медиумите.

Иако, според Поповски, медиумите во Македонија денес се ослободени од било какво влијание, сепак тој призна дека условите во кои работат новинарите се далеку под нивото.

– Условите за работа на новинарите, медиумите и медиумските работници се далеку под нивото кое го посакуваме. Следниот период ќе направиме се што можеме за да ги подобриме условите, за медиумите да бидат зајакнати финансиски, но и во својата поставеност внатре – рече Поповски и додаде дека Владата ќе работи и на подобрување на медиумската писменост.

Министерот за администрација, Дамјан Манчески, пак, изјави дека следниот период Владата ќе се фокусира на реформи во советот на АВМУ и во националниот радиодифузер. Како што рече тој се очекуваат видливи резултати кон средината на годината.

Според владините функционери од стапување на функција на оваа Влада нападите врз новинари ги има многу малку и речиси и да не постојат. Манчески порача дека ќе се казнат сите што ќе нападнат новинар на својата работа.

 

Поврзани новости