Уште шест млади кои биле во клубот во Кочани од вчера хоспитализирани на Токсикологија

by Fokus

Уште шест млади лица кои во саботата биле во клубот во Кочани вчера се хоспитализирани на Токсикологија. Неколку дена по трагедијата почувствувале отежнато дишење и болки во градите од вдишаниот чад. Министерот за здравство информираше дека нивната состојба е стабилна, но викендот ќе останат под лекарски надзор на Клиниката. Со последните приеми бројката на повредени во големата трагедија надмина 200, а 59 загинаа.

Во моментот во македонските болници хоспитализирани се 54 пациенти, најмногу 27 се на клинички, 11 во ГОБ 8 септември, 10 во Стара градска и 6 во приватни болници.

– Генерално се изгореници, некаде имаме и скршеници кои што можеби ќе бидат задржани подолго и ќе треба да се оперираат. Изгореници на слузокожа на дишни патишта, токсичност… рече Арбен Таравари, министер за здравство.

Вчера на домашно лекување од скопските болници и клиники беа пуштени 10 пациенти, а Таравари најави дека во понеделник дома ќе заминат уште најмалку 5 повредени, но и понатаму ќе се следат.

Поврзани новости