Уште една 28-годишна родилка од Куманово позитивна на корона вирусот се породи на Гинекологија

by Fokus

Уште една родилка позитивна на корона вирусот била примена на скопската Клиника за Гинекологија, дознава „Фокус“.

Станува збор за 28-годишна жена од Матејче, кумановско која дошла да се пораѓа на Клиниката без никакви симптоми на Ковид 19. Според сегашната ситуација во Куманово, каде што има алармантни бројки на заболени и смртни случаи, сите родилки кои ќе дојдат на клиниката од Куманово се ставаат во изолационен дел, без разлика дали имаат или не симптоми на корона вирусот.

Случајот за „Фокус“ го потврди и директорката на Гинеколошката клиника, Викторија Јовановска која објасни дека родилката си дошла нормално на клиниката за породување.

„Родилката кај нас беше примена и на 14 април се породи и роди женско бебе. Со оглед на тоа каква е ситуацијата во Куманово, сите кои доаѓаат од таму ги ставаме во посебни оддели, изолирани каде што имаме еден дел за сомнителни случаи друг за позитивни. Родилката немаше никакви симптоми, но според протокол и беше земен брис и на изненадување на сите, таа е позитивна на Ковид 19. Во моментот таа е добро и е пуштена на домашно лекување заедно со нејзиното бебе – истакна Јовановска.

Таа додава дека добро е тоа што сите случаи од Куманово ги изолираат оти не се знае кој може да биде носител на опасниот вирус.

Исто така, и на бебето е земен брис за корона вирус, но неговите резултати се уште не се готови.

Пред три недели на Клиниката се породи уште една 27-годишна родилка, исто од Куманово чие бебе се уште е хоспитализирано и е во стабилна состојба, но таа почина на Инфективната клиника.

Ирена Мулачка

Поврзани новости