Уште еден министер ја напушти администрацијата на Трамп

by Fokus

Трет министер во американската влада си даде оставка. Вршителот на должноста министер за внатрешна безбедност Чад Волф, во писмо до министерството информирал за својата оставка, објави „Си-ен-ен“ кој имал увид во писмото.

-Жал ми е што го преземам овој чекор бидејќи мојата намера беше да му служам на министерството до крајот на мандатот на оваа администрација, напишал Волф.

Тој на функцијата беше 14 месеци, а неговиот мандат го одбележаа судски спорови против имиграциските политики на администрацијата на Трамп.

Оставката на Волф доаѓа и по нападот на Конгресот за време на демонстрациите во Капитол хил од страна на поддржувачите на актуелниот претседател.

До крајот на мандатот на оваа администрација, 20 јануари, министер за внатрешна безбедност ќе биде Пит Гејнор, кој досега беше дел од Федералната агенција за управување со вонредни состојби.

Оставката на Волф е трето повлекување на министер по немирите во Капитол хил на 6 јануари. Претходно се повлече министерката за образование, Бетси Давос, а првата министерска оставка ја даде министерката за транспорт, Елејн Чао.

Во својата оставка, Чао, јасно наведе дека причината се насилните демонстрации. Насилните сцени и упадот во Конгресот таа ги оцени како трауматичен и сосема непотребен настан.

-Како што сум сигурна дека е случај и со многу од вас, тоа длабоко ме вознемири на начин на кој едноставно не можам, а да не направам нешто, напиша Чао во обраќањето до нејзините колеги од министерството.
Покрај министри, оставки дадоа и низа советници и други функционери во Белата куќа.

Поврзани новости