Урнат рекордот во посетеност во Кавадарци: Цеца како терапија за розов живот

by Fokus

Ако лани, за време на манифестацијата ,,Тиквешки гроздобер” во Кавадарци, Северина успеа да собере повеќе народ од било кој политичар на митинг во градот, вчера Цеца собра повеќе народ од политичарите и Северина заедно.

Градот кој што е лулка на лозарството беше претесен за посетителите кои доаѓаа масовно од сите краеви, а се претпоставува дека е надмината бројката од 70.000 публика.

Феноменот Цеца уште еднаш докажа дека и покрај сите критики, народот едноставно ја сака. Зошто е тоа така, нема одговор. Таа, како и секогаш, смирена, умерена во своите изјави, со истиот достоинствен став, како пред медиумите позади сцената, така и пред публиката. Се појави во елегантен црвен фустан до колена, со длабоко деколте, високи штикли. На бината, како и на секој нејзин настап, немаше танчерски перформанси, туку специфично за неа, од време на време ќе занишаше со колковите, или ќе ги кренеше рацете.

Сепак, и со тој смирен став, без енергично или провокативно танцување, публиката буквално, не можеше да тргне очи од неа. Лавината од негативни коментари на социјалните мрежи и во одредени медиуми, зошто токму со вдовицата на Аркан да се слави празникот на градот, но и зошто истата да биде честа гостинка на општински манифестации во земјава, со оглед на тоа што нејзиниот хонорар изнесува неколку десетици илијади евра, падна во вода, по масовната посетеност и борба да се дојде во првите редови пред бината.

И честите обвинувања дека ни сервира комерцијална и кич музика, без никаква уметничка вредност, од која многумина се оградуваат, паднаа во вода. Песните во кои најчесто пее за изневерени и оставени жени, понижени од посилниот пол, ги пееја во ист глас со неа и жени и мажи. И не само поновите песни, туку и хитовите кои Цеца ги сними пред повеќе од дваесет години, се испостави дека се напамет научена лектира од нашата публика, песни кои на балканскиот народ му се неизоставен дел од забавите, но и еден вид на терапија за љубовни и животни маки.

Стихови од типот ,,Иди док си млад” беа доволни да се паѓа во делириум, да се креваат раце и да предизвикаат невидена еуфорија. Ставовите на еминентни музички критичари дека турбо фолкот лошо влијале врз едукацијата и развојот на младите, остануваат само како констатација со која повеќето се сложуваат, но сепак преовладува тоа дека Цеца е Цеца.

Преполниот плоштад ги урна тврдењата дека македонците не сакаат турбо фолк, силикони, туку ја ценат сериозната музика со силна уметничка вредност, како и тоа дека физичкиот изглед сепак не е важен, ниту пресуден за да бидеш сакан и обожуван. Прашањето, што е тоа што силиконската убавица, за чии песни најчесто се коментира дека се шунд, му го дава на нашиот народ, повторно останува неодговорено. Луѓето едноставно ја сакаат, било да пее бесплатно на плоштад, или пак да прави затворен концерт, каде најевтината влезница е 20 евра. Капацитетот секогаш ќе биде максимално исполнет.

Вики Клинчарова

Поврзани новости