Ургентно: Македонија доби датум во Брисел!!!

by lali

Македонија ќе ги почне преговорите за членство во Европската унија во февруари 2014 година решија министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ!

Поради огромниот напредок во демократските процеси, особено поради експанзијата на човековите права и на слободни медиуми, паметното трошење на буџетот во функција на развој на пазарната економија и на стопанството со капитални проекти во патната инфраструктура и во енергетиката, борбата против корупцијата (дури и депонија беше дадена под концесија без корупциски скандал), како и успешно спроведената департизација на администрацијата и на општеството во целина, министерскиот совет донесе позитивен заклучок за Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Грција воопшто не е спомната во заклучокот.

За датум на старт на преговорите е одреден 30 февруари следната година.

По ваквите позитивни вести од Брисел, по малку дури и неочекувани, итен состанок закажа државниот врв. Претседателот Ѓорге Иванов им го честитал огромниот успех на премиерот, вицепремиерот за европски прашања и министрите за надворешни и за одбрана и отворил шампањ да прослават. Претходно тој се јавил во Брисел да се распраша дали следната година ќе биде престапна бидејќи имал некои дилеми околу датумот. Од ЕУ му одговориле дека за Македонија и следната, како и сите претходни години, ќе биде престапна, поради големиот број престапи направени во сите сфери на живеењето. Тоа го смирило Иванов и шампањот бил отворен.

Во вонредното издание, весникот “Дневник” со доза на внимателност ја пренесува веста. Весникот потсетува дека според јулијанскиот и грегоријанскиот календар, следната престапна година е 2016, кога февруари ќе има 29 дена, а во непрестапните има 28. Во уредничкиот коментар се тврди дека или заслугите на Македонија биле толку големи што е измислен специјален ден по кој историјата ќе го запамети мигот кога ЕУ ги почна преговорите за да се збогати со нашата земја или станива збор за некакво подбивање со нас на опозицискиот “Онион” и нему сличните соросоидни печурки на Фрчковски.

Поврзани новости