Управниот суд ги одби сите тужби на партиите за изборниот процес

by Frosina Fakova

Управниот суд ги одби сите 185 тужби од политичките партии за предвремените парламентарни избори и ги потврди решенијата на Државната изборна комисија, откако денеска ги разгледа и одлучуваше и по последните четири тужби.

– Одлуките се одбивателни. Сите четири тужби коишто денеска беа разгледувани, ВМРО-ДПМНЕ две, една Демократи и една Единствена Македонија, се одбиени и се потврдени решенијата од ДИК, изјави денеска Ивана Смугреска од Управиот суд.

Пресудите коишто ги донесе Управниот суд се конечни, односно како што појасни Смугреска, против нив нема право на жалба.

– Откако ќе бидат изготвени, верификувани пресудите истите веднаш се доставуваат до ДИК и до тужителите, односно до партиите. Роковите сега течат, не од понеделник, изјави Смугреска.

Појасни дека судечките совети нашле дека тужбите се неосновани, односно се судело врз основа на Изборниот законик, одредбите во Изборниот законик, така што во тужбите не може да се предлагаат нови докази, нови околности.

Поврзани новости