Управната зграда на ЕВН и ЕЛЕМ може ќе се спаси од барокот

by fokus

Висококатницата во близина на плоштад Македонија, каде се сместени АД ЕЛЕМ и ЕВН Македонија може сепак ќе се спаси од барок. Рефасадирањето на овој објект требаше да биде готово пред повеќе од една година, но реконструкцијата се пролонгирала поради недоразбирања меѓу инвеститорот и изведувачот. Градежните работи ги врши компанијата „Бетон“, а новата фасада требаше да чини нешто повеќе од 4,3 милиони евра.

Новиот генерален директор и претседател на Управниот одбор на АД ЕЛЕМ Драган Миновски, во интервју за МИА, вели дека дека во соработка со ЕВН ги разгледуваат сите можности што им стојат на располагање.

-Во игра е идејата да се пренасочиме кон енергетски ефикасна и безбедна фасада, со модерен изглед. Застојот настанал затоа што ЕВН барала од изведувачот „Бетон“ да употреби огноотпорни материјали за фасадата, што изведувачот го одбил. На тоа прашање застанале работите и новото раководство на ЕЛЕМ ја затекна таа ситуација – потенцира Миновски.

Зградата се наоѓа на самиот плоштад и со години е опкружена со градежни скелиња и заштитни мрежи, со извадена фасада, односно е практично соголена.

-Не е убава слика ниту за околината, а не е погодна ни како за работни простории, бидејки самата зграда нема изолација без фасадата – порачува Миновски.

За новиот објект на АД ЕЛЕМ на улица „Македонија“, спроти старата железничка станица вели дека требало да биде готов пред 13 месеци, а причината за доцнењето ја лоцира во компанијата, поконкретно во вториот тендер, објавен во 2015 година кога, како што вели, биле заборавени да се стават одредени работи кои требало да се завршат, како делови од електрична инсталација, комуникациски инсталации, разводни табли.

-Правиме напори објектот да се заврши што побргу и да не се предизвикаат нови трошоци со понатамошно одолговлекување. Зградата е околу 95 отсто готова, набавен бил и мебел, но не можеме со сигурност да кажеме кога ќе биде целосно завршена – прецизира Миновски.

 

Поврзани новости