УПАТСТВИЕ ЗА ГЛАСАЊЕ

by fokus

 

Граѓани на Македонија, Ве повикувам на 11.12.2016 година да гласате за било која опозиција, без разлика на нивната лева или десна ориентација, јасно кажете го своето големо „НЕ” на ВМРО-ДПМНЕ, и казнете го сега оправдано, како што го казнивте оправдано СДСМ во 2006 година. 

Пишува : Арбен ГОЉА

Почитувани граѓани на Македонија,

Ова ќе биде моја последна колумна посветена Вам, драги мои сограѓани, се надевам дека ќе Ве замисли и сериозно и реално ќе почнете да размислувате за иднината на нашава прекрасна и единствена земја.

Во 2006 година го казнивме СДСМ за погрешните политики во доменот на унапредувањето и развојот на нашето општество, и им дадовме шанса на ВМРО -ДПМНЕ со своите предизборни ветувања да ја реализираат својата програма за економски и социален развиток на Република Македонија, а сето тоа во функција за подобри животни услови и стандард на нејзините граѓани. Меѓу сите Вас и јас гласав за ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, надевајќи се дека ќе ги исполнат ветувањата дадени во нивната изборна програма.

Разочарувањето и гневот од оваа дистанца по 10 години владеење на оваа политичка гарнитура е големо. Безобзирно ја злоупотребија нашата доверба и не само што не ги исполнија своите ветувања, туку ја втурнаа земјата во мрак и ни ја уназадија за 200 години.

Прво градот ни го уништија, го претворија за потсмев во регионот и пошироко. А, како и не би, кога нашето прекрасно Скопје го направија евтин кич изграден од гипс картон и стиропор. Не е ни чудно што веќе и му го менуваат името во „Неа Стиропори“. Му ја убија душата како што ни ја убија душата на сите нас.

Попат нѐ покрадоа и ни оставаат долг кој ние и нашите потомства ќе го плаќаме. Само долгот за вака унаказеното наше Скопје е најмалку 800 милиони евра.

Потоа ја „размонтираа” основата на државата, ги девастираа сите институции по ред, и ги ставија во функција на своите интереси. Едноставно, целата држава ја претворија во свој чифлик каде „кадијата те куди, кадијата те суди”.

Ние луѓе немаме повеќе правосуден систем-судови, тие се во функција на оваа политичка елита и нив им служат, а народот на оваа земја стана нивни заложник. Секојдневно грубо ги кршат основните човекови права, и не треба да се биде многу паметен за да се сфати дека ни наметнаа диктатура во која ни се лимитирани нашите демократски права како граѓани.

За овие 10 години од нивното владеење преку 600.000 млади, а и постари интелектуалци и граѓани ја напуштиле земјата, бегајќи што подалеку од бедата што ја продуцира оваа режимска политичка елита. Секој втор граѓанин на земјава е на раб од сиромаштвото. Континуирани политички прогони, делба на граѓаните на „патриоти” и “предавници”, девалвирање и деградирање на се што е вредно и напредно.

Дали треба и понатаму да набројувам што се погази и уништи оваа криминала простачка политичка клика за да се свестиме каде тоа не водат? Дали сме свесни дека ако и понатака им дозволиме да владеат, многу брзо ќе останеме без држава?

Крајно време е „граѓанину македонски” да се разбудиш од летаргијата и да го победиш стравот, и да им кажеш големо „НЕ” на овие крвопии и бандити, кои воопшто немаат во себе нешто патриотско кон својата земја и своите сограѓани, туку само остварување на своите лични интереси, дури по цена да згасне името Македонија.

Не верувајте им воопшто на нивниот лажен патриотизам, дека се загрижени за иднината на земјава, плашејќи Ве со некоја божемна федерализација и многу други евтини бљувотини. Зар не Ве навредува фактот дека сите нас не сметаат за глупаци без мозок и затоа упорно веќе 10 години ни продаваат евтина и нездрава магла.

„Граѓанину македонски”, ова ти е последна шанса да се ослободиш од оваа ноќна мора која секојдневно те гуши веќе 10 години”. Немојте да се продавате така евтино доколку Ви вработиле некого од семејството, па заради тоа мислите да гласате за оваа „чума”, плашејќи се дека ќе ја изгубите таа бенифиција доколку ја изгубат власта.

Многу се лажете мои драги сограѓани ако така размислувате. Вие секако ќе изгубите, не само она што сте го добиле од нив, туку и она што го имате заработено со својот труд, а и наследството од Вашето семејство, ако дозволите да останат и следните 4 години на власт. Затоа се чувствувам и јас лично одговорен што со мојот глас овозможив ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт и на таков бескрупулозен начин да ја ограби и дезинтегрира земјава. Немаме многу опции за избор, драги мои сограѓани, но секоја ОПЦИЈА која е за заминување на оваа погубна политичка гарнитура за Македонија е сигурно подобра и поперспективна.

Граѓани на Македонија, Ве повикувам на 11.12.2016 година да гласате за било која опозиција, без разлика на нивната лева или десна ориентација, јасно кажете го своето големо „НЕ” на ВМРО-ДПМНЕ, и казнете го сега оправдано, како што го казнивте оправдано СДСМ во 2006 година.

Особено ги повикувам сите оние 40 отсто неопределени со својот глас да ја срушат оваа ненародна власт. Ова е нашата последна и единствена шанса да ја спасиме Македонија, размислете добро мои сограѓани …

Поврзани новости